Во новата година Дирекцијата за заштита и спасување се засилува со уште еден професионален пилот. Се работи за пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански, воен пилот кој во својата кариера има управувано и дејствувано со различни типови на летала вклучително и борбени авиони „галеб“, „супер галеб“, „МиГ“ 21, „сухој“ 25 и борбени хеликоптери „Ми“ 17 и „Ми“ 24 како и со различни типови спортски авиони.
Во неговата армиска кариера, Малезански, има извршувано повеќе должности вклучително и командант на „Воздухопловниот винг“ на Армијата. Истовремено е инструктор за летање и пробен пилот.

Инаку, во договор со директорот на ДЗ, Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник, Роберт Малезански, прифати да ја прекине воената пензија и професионално да се вработи во ДЗС како раководител на авио-одделението, пилот и дел од најтесниот кабинет на директорот Ангелов.
Заедно со полковникот Малезански, ДЗС во 2026 година влегува со пет пилоти од коишто тројца се професионално вработени во авио-одделението на ДЗС и двајца пензионирани пилоти се со договор на дело.
Во оваа прилика, ДЗС ги информира сите потенцијални кандидати за пилоти на „ер трактори“ дека ДЗС од Министерството за финансии обезбеди согласност за вработување на уште двајца пилоти. Огласот ќе биде објавен дополнително, информираат од ДЗС.