Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, вчеравечер говореше на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“ при што ја реафирмираше потребата од забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, која, според него, позитивно ќе влијае врз безбедноста, севкупните политички процеси и реформската агенда, како и врз евро-оптимизмот во регионот.
Во фокусот на дебатата беа перспективите за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан во поширокиот геополитички и безбедносен контекст, нивната подготвеност за реализација на реформите, очекувањата од европските избори, подобрувањето на економската интеграција на регионот и неговиот раст.
Како што нагласи Пендаровски, перспективата за членство во Европската Унија не е потребна само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, што, како што истакна, ќе придонесе за демократскиот развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми.
Претседателот Пендаровски истакна дека во време на мултиплицирани кризи, важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство во регионот.
Како што информираат од кабинетот на Пендаровски, мeѓу излагачите на сесијата беа и Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, Сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили, премиерот на Молдавија, Дорин Рецеан и Мирослав Лајчак, Специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западен Балкан.