Поранешниот претседател Стево Пендаровски, по предавањето на функцијата на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, во објава на Фејсбук се заблагодари на граѓаните за укажаната доверба и на неговите соработници во тек на мандатот.
-Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години, напиша Пендаровски.
Сиљановска-Давкова денеска ја презеде функцијата претседател на државата од Пендаровски во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести.
Претходно во Собранието даде свечена заклетва за совесно извршување на должноста, со што го почна петгодишниот претседателски мандат.
Сиљановска-Давкова е шести претседател и прва претседателка од осамостојувањето на државата.
На Претседателските избори кои се одржаа на 24 април и 8 мај, таа освои 561 000 гласови.