Во интервју за Канал 5 претседателот Пендаровски вечерва зборуваше за неодамнешните измени во Кривичниот законик и реакциите во јавноста откако тој го потпиша Указот за прогласување на законот.
Претседателот Пендаровски истакна дека е недозволиво во една демократска држава еден процес да трае 10 или повеќе години.
„Јас мислам дека со име и презиме треба да се извадат луѓето кои 12 години не го суделе Маѓар Телеком, луѓето кои осум години не ги суделе овие другите предмети. Значи не е проблемот до законот, до човечкиот материјал е“, потенцираше претседателот Пендаровски.
Во оваа насока претседателот Пендаровски се осврна и на работата на Судскиот совет чија задача е да ги санкционира судиите за кои ќе утврди дека ги одолговлекуваат судските процеси.
„Судиите коишто решиле да не судат, а Судскиот Совет не ги казнува, не ги дисциплинира, не ги дистанцира од судењето, зошто не се во судница?!“, рече претседателот Пендаровски во вечерашното интервју за Канал 5.