Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот за прогласување на Законот за употребата на македонскиот јазик, што во петокот го донесе Собранието на Република Северна Македонија.
-Донесениот закон ќе придонесе за подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, за афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација како и за почитување и унапредување на јазичниот стандард, информираат од Кабинетот.
Претседателот Пендаровски очекува дека примената на законот ќе придонесе за надминување на алармантните состојби во врска со неправилната употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и за зголемена, организирана и системска грижа на државата за неговата правилна употреба.