Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се пролонгира важењето на возачките дозволи со старото уставно име, а крајниот рок за нивна замена ќе биде 31 декември 2024.
Пендаровски ја поздравува одлуката на пратениците кои денеска ги ставија интересите на граѓаните над дневната политика и донесоа решение за возачките дозволи, информираат од Кабинетот на претседателот.
Собранието попладнево, со 110 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.
Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.