Претседателот Стево Пендаровски вечерва во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5 говорејќи за негова можна втора кандидатура за претседател на државата рече дека конечниот одговор граѓаните можат да го очекуваат наредната 2024 година кон крајот на февруари.
Според Пендаровски, ако постои конзензус меѓу партиска и непартиска Македонија, не е битно кој ќе му биде противник на другата страна.
„Ако константите и параметрите се поклопат и се во ред, значи партиската поддршка – минатиот пат имав поддршка од 31 политичка партија зад себе, но да видиме сега евентуално колку би имал, потоа мојот личен рејтинг, па силата на партиите што ќе застанат зад мене и доколку се погоди таа комбинација сосема небитно е кој ќе биде на другата страна. Се прават секакви компаративни анализи, додека на страната на сегашната опозиција, да не навредам никого во лична смисла, меѓутоа скоро да е небитно кој ќе биде кандидат, бидејќи партискиот електорат на ВМРО-ДПМНЕ е веројатно еден од најдисциплинираните во Македонија“, рече претседателот Пендаровски.