Пленарната седница на чиј дневен ред е Дополнетиот предлог-буџет за 2026 година по експозето на министерката за финансии е прекината по барање на пратеникот на Левица, Борисав Крмов. Тој побара еден час пауза за да може пратениците да присуствуваат на седницата на Постојната анкетна комисија на која треба да се разгледа преставката од семејствата за загинатите во пожарот во Кочани.
– Во 12 часот е закажано разгледувањето на преставката од здружението „16 март“. Тоа е здружението на родителите на загинатите од пожарот во Кочани. Имаме пет дена расправа за буџетот, мислам дека тој процес воопшто нема да го прекинеме. Барам еден час пауза за да имаме што поголема посетеност на Комисијата, рече Крмов.
Претседателот на Собранието Африм Гаши даде еден час пауза, но најави дека паузата ќе биде подолга, а за продолжението на сендицата ќе бидат пратениците известени преку СМС порака.
По експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, свој став изнесе заменик-народниот правобранител кој посочи дека од буџетот на Народниот правобранител се скратени 25 милиони денари од кои поголем дел се однесуваат за плати, техничка опрема и кирии што ги плаќаат централната и регионалните канцеларии. Скратување, како што посочи, има и во делот наменет за исполнување на обврски од колективниот договор.
За Дополнетиот предлог-буџет не се изјаснија од Судскиот буџетски совет и од Државното јавно обвинителство затоа што немаше нивни претставници на седницата.