Македонија

Пасошите и возачките дозволи со Република Македонија престануваат да важат од 13 февруари 2024 година

Пасошите и возачките дозволи со Република Македонија престануваат да важат од 13 февруари 2024 година

Од 00 часот на 13 февруари 2024 година престануваат да важат патните исправи и возачките дозволи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи и возачки дозволи со името Република Северна Македонија, извести денеска Министерството за внатрешни работи.

-Согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија. Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа, се наведува во соопштението на МВР.

Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека возачките дозволи и во државава и надвор од неа ќе важат само со името Република Северна Македонија, додека пак личните карти, ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

-За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, појаснуваат од МВР.

To top