На поранешниот правобранител, Фахми Стафа му е определен притвор во времетраење од 30 дена, поради опасност од бегство и влијание на сведоци, велат од Основниот кривичен суд.
Судот го прифатил предлогот на Обвинителството, откако претходно денеска, од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека Стафа дека во периодот од октомври до 13 декември 2025 година примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел интервенција кај судија во Апелациониот суд Скопје.
Намерата, според ОЈО ГОКК, била преку поткуп да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Истрагата утврдила дека Стафа првично побарал 100.000 евра за да обезбеди укинување на мерката притвор определена за лице кое е недостапно за органите на прогонот и против кое ОЈО ГОКК води посебна постапка за кривични дела поврзани со јавните финансии, платниот промет и стопанството.