Одобрени се дополнителни 100 милиони денари за обезбедување на лекот „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“ на дополнителни пациенти со цистична фиброза, соопшти денеска Министерството за здравство.
Универзитетската клиника за детски болести, како што се наведува, доби согласност од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Бирото за јавни набавки да спроведе итна постапка со директни преговори со овластениот дистрибутер на Вертекс.
Од Детската клиника која треба да го набави лекот потенцираат дека на 21 ноември е потпишан договорот меѓу директорите на Клиниката и „Алкалоид Конс“, а целата количина на лекот се очекува да биде испорачана во првата половина на декември оваа година.
– Со 102 тераписки режими ќе бидат покриени досегашните 12 пациенти кои веќе го примаат лекот за уште два месеци (до април 2024), но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“, соопштија од Клиниката.
Од Министерство за здравство потсетуваат дека во 2023 година со условен буџет на Клиниката за детски болести се обезбеди и се почна терапија кај 12 пациенти со цистична фиброза. Осум од овие пациенти кои ја почнаа терапијата се следат во оваа јавно-здравствена установа, а останатите четири што ја почнаа терапијата се следат на Клиниката за пулмо-алергологија.