Денеска (07.05.2024) во паркот во општина Аеродром (авион) се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, раководството на Министерството за внатрешни работи, како и членови на Владата на Република Северна Македонија и членови на дипломатскиот кор.
Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и оваа година ја продолжува убавата традиција започната минатите години – Денот на полицијата да се одбележува заедно со граѓаните согласно мотото Полицијата во служба на граѓаните, па така по официјалниот дел следуваше забавен дел со голем број популарни изведувачи и презентација на опрема на разни полициски единици и дружење на граѓаните со полицијата.
Свое обраќање на свечената церемонија имаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
„Денешниот ден ви е посветен вам. Вие сте луѓето кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја заштитат заедницата во која живееме, за да ја направат Македонија подобро и побезбедно место за сите. Буквално секој ден, без престан, во секој град, низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична и благородна работа, надвор од удобноста на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации, во постојана пресметка со криминалот – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Впрочем, во темелите на она што денес е македонската полиција вградени се животите на многу наши колеги, пријатели, блиски, како огромна морална и човечка обврска за сите нас, подеднакво важна како и градењето перспективна иднина за поколенијата што доаѓаат”, рече министерот Тошковски во своето поздравно обраќање пред гостите.
Министерот Тошковски истакна дека полициската служба, во целосен широк смисол, односно беспрекорното извршување на нејзините надлежности и задачи е суштествено за секоја држава која претендира да биде сигурна, стабилна и просперитетна.
„Ние денес живееме во време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тоа е огромен мотив, што не попусто го нагласувам на овој величествен празник на припадниците на Министерството за внатрешни работи”, рече министерот Тошковски, додавајќи дека сега е време кога не е прашање дали полицијата треба да биде на висина на задачите туку како, кога и колку ќе биде ефикасна во остварување на сите задачи, време кога заветите и заклетвите мора да се испочитуваат до крај – професионално, посветено, исполнително.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев хронолошки се осврна на изминатите седум години на Министерството за внатрешни работи во кои се случија многу фази и реформи во сите сфери на полициското работење.
„Беше вложена убава енергија, труд, знаење, посветеност, техничко-технолошка, кадровска, структурална и организациска надградба на капацитетите на МВР.
Сево ова го направивме како во насока на континуирано следење на трендовите во полициското работење, така и во насока на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на сложениот безбедносен систем. Современото демократско општество постојано е подложно на динамични, континуирани промени и прилагодувања, во обид да биде во чекор со современите текови.
Така и полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици, кои се трансформираат, надградуваат, соочувајќи не со потребата од нови и креативни решенија“, истакна Бојмацалиев.
Бојмацалиев потсети дека Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на Глобалниот индекс за мир, бидејќи се вложуваше во развојот на модерен европски полициски службеник- 17 милиони евра во подобри услови за работа со реконструкција на 82 полициски објекти низ државата, 14 милиони евра за нови униформи и опрема, покачена платата за 35% и исплатени сите бонус плати на вработените.
„Секој сегмент од полициското работење изминативе години беше унапреден, благодарение на вашиот труд, посветеност и професионализам. Без вас напредокот ќе беше само мислена именка. Ви благодарам од се’ срце, за сите убави моменти од 2017 година па се до денес. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да биде МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за македонската полиција да остане непоколеблив бедем во заштитата и спроведувањето на законите и гарант на личната и имотната сигурност на граѓаните“, рече Бојмацалиев со директна порака до полициските службеници и сите вработени во Министерството за внатрешни работи.
По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени благодарници и признанија на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности.
Свечената церемонија по повод одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше збогатена и со културна-уметничка програма со настап на познати македонски изведувачи.
Претходно, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.