Македонија Собрание на РМ

Обраќање на Гаши по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата

Државната комисија за спречување на корупција, денеска, во Клубот на пратеници, го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9ти Декември.

Обраќање на Гаши по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата

Државната комисија за спречување на корупција, денеска, во Клубот на пратеници, го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9ти Декември.

На тема: Клучни активности и предизвици во градење на систем отпорен на корупција покрај претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, свои обраќања имаа: Адем Чучуљ, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата; Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија; Ола Сулстром, амбасадор на Шведска; Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Едвард Андерсон, шеф на Одделот за сигурност и поддршка на заедниците на Мисијата на ОБСЕ во Скопје; и Александар Кржларовски, претставник на граѓанскиот сектор, Македонски центар за меѓународна соработка.

По што следуваше сумирање на дискусијата и беа разгледани следните чекори.

„Почитуван г. Адем Чучул, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата,
Почитуван амбасадор на Швајцарија, Ваша Екселенцијо Кристоф Цомер,
Почитуван амбасадор на Шведска, Ваша Екселенцијо Ола Солнстром,
Почитуван заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ, г. Бен Нупнау,
Почитуван шеф на Одделот за безбедност и поддршка на заедниците при ОБСЕ, г. Едвард Андерсон,
Почитуван директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, г. Александар Кржаловски,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на институциите и граѓанскиот сектор,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и привилегија да ви се обратам денес, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Овој ден не е само симбол, туку и сериозен потсетник дека иднината на една држава зависи од нејзината способност да изгради чисти институции, со интегритет и отчетност. Корупцијата не е само законски прекршок, туку длабока општествена рана што го допира животот на секој граѓанин, ги разнишува темелите на демократијата и го забавува економскиот потенцијал. Таа е невидливата рака што им ги краде правата и надежите на луѓето. За жал, овој порок е и главната причина зошто нашите најсветли умови ја гледаат својата иднина надвор од земјата. И ова повеќе не е само начин на гледање на реалноста, туку факт потврден во секој меѓународен извештај и во секоја домашна анкета.. Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања. Соочени со ваквата реалност, не е доволна само да реагираме, туку пред се, неопходно е сите заедно да размислиме, отворено да го признаеме предизвикот и храбро да дејствуваме. И, на оваа раскрсница помеѓу предизвикот и реформата, морам да нагласам дека новата Национална стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 претставува неопходна пресвртница. Таа одразува нова визија за тоа како треба да функционира државата – визија изградена врз сериозна анализа на ризик, врз европските практики, како и врз обемни консултации со институции, експерти, меѓународни партнери и граѓанското општество. Додека Стратегијата се наоѓа во својата најинтензивна фаза на подготовка, сакам посебно да ја истакнам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и да ја реафирмирам целосната поддршка на Собранието за овој процес. Убеден сум дека ниту една стратегија, колку и да е добра, не може да даде резултати без одговорно, активно и независно Собрание во вршењето на своите функции. Собранието е камен-темелник на владеењето на правото и институцијата каде што се поставуваат стандардите за јавен интегритет. Преку законодавната функција, ги затвораме можностите за злоупотреба; преку надзорната функција, ја држиме извршната власт одговорна; а преку претставничката функција, ние сме гласот на граѓаните кои бараат, очекуваат и заслужуваат правда и чесност. Во овој дух, од денот кога ја презедов одговорноста да ја водам оваа институција, поставив јасни приоритети за нов стандард на транспарентност, зајакнување на одговорноста, унапредување на институционалната етика и отворање на Собранието кон општеството. Започнавме неколку нови процеси на дигитализација и ги консолидиравме механизмите што го прават Собранието пример за интегритет, бидејќи само институција што одржува највисок морален и правен стандард може да го бара истото од другите и навистина да придонесе за праведна и некорумпирана држава. Затоа, кога станува збор за Собранието, сакам да бидам прецизен и јасен: Собранието не е набљудувач на оваа битка, туку компасот што ја насочува државата по патот на интегритетот.

Почитувани присутни,

Да не заборавиме дека борбата против корупцијата не се води сама по себе и не се ограничува само на закони и стратегии. Таа бара култура на интегритет, личен пример, политичка одговорност и општествена свесност. Таа се спречува и се надминува тогаш кога ја одбиваме рамнодушноста. Говорот го започнав со опишување на состојбата и последиците до кои нè доведе корупцијата, а сакам да го завршам со уверувањето дека корупцијата процветува таму каде што молкот е норма и каде што се предаваме пред овој озлогласен феномен и пред слоевитиот стар менталитет. Еден афоризам нè потсетува дека „Корупцијата е како снежна лавина: откако ќе почне да се тркала, може само да расте.“ Но, таму каде што општеството се издигнува, каде институциите преземаат одговорност и каде граѓанинот одбива да ја прифати неправдата како судбина, тоа е точката кога лавината почнува да се топи. Затоа, во пресрет на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, ве потсетувам дека оваа мисија ни припаѓа на сите, да изградиме држава каде што правдата, транспарентноста и интегритетот не се апстрактни аспирации, туку единствениот начин на функционирање. Бидејќи „злото триумфира само кога добрите луѓе избираат да не дејствуваат.“

Ви благодарам!“

To top