Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку видео честитка објавена на социјалните мрежи на граѓаните им ги честита новогодишните и божиќни празници. Во честитката тој говори за предизвиците од минатата и фокусот за оваа година.
„На прагот сме на новата година, време кога традиционално се осврнуваме на достигнувањата и предизвиците од изминатата година. Ова беше година на пресвртница за државата – година на промени кои донесоа значително подобрување на животот на граѓаните и успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена“, истакнува министерот Муцунски во честитката, притоа додава дека довербата од граѓаните била најголемиот поттик да се работи неуморно и да се претставуваат домашните предизвици пред светот.
„Во еден динамичен и предизвикувачки период, благодарение на вашата поддршка, работевме на градењето на посилна и стабилна позиција на меѓународен план. Вашата доверба беше најголем поттик да се работи неуморно во преставувањето на домашните позиции пред светот. “, вели министерот Муцунски во честитката.
Подвлекувајќи ја важноста на минатогодишните предизвици, министерот ги споменува и најважните достигнувања од 2024 година и нагласува дека евроинтеграцијата, активниот придонес во НАТО Алијансата и партнерството со САД остануваат во фокусот и оваа година.
„Остваривме голем број билатерални средби, го зајакнавме меѓународниот углед на нашата држава, активно придонесувавме во меѓународните организации, развивме силни партнерства и достоинствено придонесувавме за глобалната политика, мир и безбедност. Чекорејќи по патот што успешно го трасиравме минатата година, во 2025 година ќе продолжиме да градиме партнерства, преку дијалог да бараме решенија на отворените прашања и со меѓусебна почит и разбирање да останеме кредибилен меѓународен партнер. Евроинтеграцијата и понатаму останува во фокусот, како и нашиот придонес во НАТО и цврстото партнерство со Соединетите Американски Држави“, истакнува тој.
Во духот на дипломатијата, која се заснова на преговарање, иновации и неуморно барање политички решенија кои поттикнуваат мир и стабилност, министерот посака здравје, радост, меѓусебно почитување и успех на сите граѓани.