Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за нови максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 17 март 2026 година од 00:01 часот.
Според одлуката, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 88,50 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде 92,00 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 89,50 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС е утврдена на 47,453 денари за килограм.
Со новата пресметка бензините и екстра лесното масло поскапуваат за 7 денари по литар, дизелот за 6,5 денари по литар, додека мазутот се зголемува за 4,867 денари по килограм.
Од РКЕ информираат дека корекцијата на цените е резултат на значителниот раст на берзанските цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и на растот на доларот во однос на денарот во изминатиот петдневен период. Референтните цени бележат пораст од 16,9 проценти кај бензините, 11,7 проценти кај дизелот, 13,0 проценти кај екстра лесното масло и 14,5 проценти кај мазутот.
Истовремено, РКЕ им укажа на нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за 2 денари по литар, согласно договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач ОКТА, со што дел од товарот од зголемувањето би бил директно ублажен за граѓаните.
И покрај новата корекција, податоците покажуваат дека цените на горивата во Македонија остануваат меѓу најниските во регионот и Европа. Според споредбените анализи, бензинот во земјава се движи околу 1,40 евра за литар, што е пониско од повеќето соседни и европски држави, додека дизелот изнесува околу 1,49 евра за литар.
Во споредба, цените на бензинот достигнуваат 2,11 евра во Германија, 1,86 евра во Грција и 2,03 евра во Албанија, додека дизелот во повеќе европски земји се продава и над 2 евра за литар.
Овие податоци, според РКЕ, потврдуваат дека и покрај глобалните ценовни притисоци, Македонија и понатаму успева да одржи релативно поволни цени на горивата во однос на регионот и Европската унија.