По воведувањето на стипендии за стимулирање на средношколци за упис на прв циклус на студии по македонски јазик за тековната академска година, Министерството за образование и наука годинава исто така за прв пат ќе додели и 7 стипендии за втор и 5 стипендии за трет циклус на студиски програми за изучување на македонскиот јазик.
Конкурсите се веќе објавени.
За стипендија за втор циклус на студии чиј износ е 9.000 денари и се доделува 9 месеци во годината, можат да аплицираат државјани на Македонија кои имаат завршено прв циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на втор циклус за прв пат во академската 2025- 2026 година и да не се корисници на стипендија од други даватели.
Кандидатите пак, за стипендија за трет циклус на студии чиј износ е 18.000 денари и се доделува 12 месеци во годината, треба да се државјани на Македонија со завршен втор циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на трет циклус за прв пат во академската 2025- 2026 година, да не се корисници на стипендија од други даватели и да имаат две препораки од универзитетски професори.
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 9.1.2026 година.