Жителите на скопско Влае вчера, среде бел ден – во доцните пладневни часови, посведочија на нов вандализам на плоштадот Делфина. Околу 16 часот, група од неоколкумина малолетни вандали се изживувала со специјалниот метален контејнер, наменет за складирање на токсичен отпад од батерии, акумулатори и делови од расипани електронски уреди, кои не смеат да се мешаат со обичниот отпад и мораат соодветно да се одложат и складираат со посебна процедура. Контејнерот бил обиен од поодамна, а вчера е целосно руниран, со искинати плакати за неговата намена и расфрлање на токсичниот отпад од него. На страна и хаваријата предизвикана од токсичните батерии, кои за волја на вистината, со месеци стојат во контејнерот. Несреќниот контејнер, дел од акцијата „Нула отпад“, стана жртва на нула-култура, нула-домашно воспитување и мега-изживување и ултра-вандализам.
„Бандата“ малолетници како дошла, така и заминала, велат очевидци за Курир, кои плашејќи се за својата безбедност не успејале да ги фотографираат младите вандали. Санитарците од општина Карпош, утрото ја санираа ситуацијата.
Ова е којзнае кој пат да се вандализира и крши на плоштадот „Делфина“, единствен ваков урбан простор во Општина Карпош и пошироко, кој летниот период станува мета на вистински орди агресивни малолетници од блискиот Хром, Влае и Ѓорче Петров. Сега, „благодарение“ на зимскиот распуст, белјаџиите се повторно во „акција“. Предничат, велат очевидците, момчиња од Хром, населба кој се наоѓа на неколку стотини метри од „Делфина“, за што сведочат и грдите графити со „Хром“, како еден вид бележење на територија. Не понежни, биле и младинците од Влае и Ѓорче, на кои ова наместо да им биде место за забава и релаксација, постојано го уништуваат, корнејќи дури и бекатон-плочки, дрвца, уништуваќи ги клупите, рушејќи забетонирани корпи за отпадоци, стојалишта за велосипеди и друга урбана опрема. Сешто ќе им дојде под рака. Игралиштето за деца со посебни потреби, донација од Холандската амбасада вредно десетици илјади евра, одамна е жртва на младите вандали, кои според очевидците најчесто се во група до пет до десет деца, основци од повисоките одделенија и средношколци до пониските, т.е. во просек аздисани момчиња од 13 до 16 години.
Жителите на околните куќи летно време немаат дерман од суриите мопеди, галамата до раните утрински часови и малолетниците кои по цела вечер развикуваат движејќи се по локалните улички. Граѓаните потсетуваат дека на почетокот, кога беше отворен плоштадот „Делфина“ – таму 24 часа имаше и чувар во посебна чуварница, кој се грижеше за редот и урбаната опрема, нешто што одаман не постои. Чуварот и чуварницата, мистериозно исчезнаа од Влае пред неколку години.
Спасот го гледаат во поставување камери, полициски позорникари кои почесто би минувале на локацијата или повторно враќање на чуварска служба од општината Карпош, под чија ингеренција е плоштадот, направен во 2013-2014-та година, со финансиска помош на тогашното министерство за финансии, предводено од Зоран Ставревски и поддржано во првиот мандат на Стевчо Јакимовски.
Секое утро, три-четворица санитарци од општината се справуваат со огромниот отпад и расфрланите кеси, хартии и какви не отпадоци кои безобрљазните младинци ги оставаат зад себе. До утре, плоштадот е повроно побелен од хирот и аздисот на дечките од вечерните „забави“…
Во меѓувреме, жителите на Влае апелираат и се „крстат“ во каква и да е реакција на Општината или надлежните органи, но очебијно, сега-засега, можат да се крстат само во Бога…