Како претставник на политички подмладок, Унијата на млади сили е директно вклучена во креирањето и носењето на сите политики, истакна Бојан Никовски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во емисијата „Директно“ на Телма телевизија.
Никовски се осврна на резултатите од досегашните политики на СДСМ, нагласувајќи дека тие се јасно видливи како кај младите, така и во целокупното општество, и дека истите ја довеле партијата до историски најнизок резултат.
-Резултатите од политиките на СДС, и во однос на младите и во однос на целата држава, се видоа на овие избори. Видовме колкава поддршка добија тие таканаречени успешни политики, што резултираше со историски најнизок резултат за партијата, рече Никовски.
Според Никовски, преку грантови за младинско претприемништво, финансиска поддршка за купување сопствен дом, позитивни демографски мерки, привлекување странски директни инвестиции и спроведување економски реформи, може да се создадат реални услови младите да останат и да успеат во државата.
-Со вакви политики испраќаме јасна порака дека секој, согласно своите вештини и способности, може да просперира и да успее во нашето општество, истакна Никовски.
Тој додаде дека младите веќе можат да забележат конкретен исчекор во однос на младинските политики.
-Се доделуваат субвенции за електронски уреди, се реконструираат студентски домови, започнува процесот за изградба на нов Медицински факултет во Штип, што е особено важно имајќи предвид дека здравството е клучна гранка во која мора навремено да се подготвуваат кадри. Се воведува дигитализација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а истиот процес ќе продолжи и во останатите високообразовни институции. Ова е позитивен исчекор кој младите треба да го препознаат како надеж и како доказ дека имаат конкретна придобивка и повеќе простор за напредок и усовршување, заклучи Никовски.