Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека и покрај состојбите со цената на нафтата, цените на услугите на нашиот транспортен сектор остануваат стабилни поради конкурентноста на компаниите. Очекува до примената на новиот систем за влез во Шенген зоната да се решат проблемите за престојот на превозниците, а тоа, потенцира, државава го решава индивидуално. Апелира јавноста и превозниците во Македонија, како што рече, да не паѓаат под туѓи агенди и провокации.
На новинарско прашање по обраќање на денешната панел дискусија „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, во Владата, Николоски рече дека со ЕК се преговара за два модела односно да нема визи при прекуграничните превози како со Грција и Бугарија или пак со издавање долготрајни визи што веќе е воведено од Швајцарија, а го најавува и Хрватска.
– Во комуникација сме со превозниците и нивните здруженија. Во овој момент не очекуваме флуктуација на цените на услуга, нашиот транспортен сектор сега е доста компетитивен заради поволностите како што се персоналниот и данокот на добивка, од 10 проценти, а за реинвестирана добивка воопшто не се плаќа данок. Кога излегуваат на европскиот пазар со оваа даночна политика и со релативо ниски придонеси за пензиско и здравстевно осигурување се доста компетитивни на европскот пазар. Подолго време водиме битка во однос на новите правила на ЕУ, тоа делумно е бирократија, а делумно конкуренција имајќи предвид дека нашите превозници се доста конкурентни. Сум зборувал со неколку посериозни странски инвеститори во државава и кога би работеле со превозници од нивните матични држави превозот би им бил поскап за 300 до 350 проценти. Тоа е затоа што нашите превозници имаат доста поволности што ги користат, меѓу кои и регистрација и осигурување на возилата, рече Николоски.
Упати на податоците од минатата година за секторот Транспорт и складирање, каде во втор квартал имаше раст од шест проценти, во третиот од 2,6 проценти, а во четвртиот квартал од 4,4 проценти.
Цените, потенцираше вицепремиерот, остануваат стабилни затоа што се доста компетитивни заради останатите фактори кои ја прават цената на превозот.
Во однос на барањата на превозниците што се поврзани со воведувањето на новиот систем за евиденција во Шенген зоната, министерот нагласи дека е постигнат успех со тоа што се почнати преговори со Европската комисија и со тоа што предвреме е објавена новата стратегија за визна политика со која возачите се препознаени како професионалци. Сега вели се одлучува за моделот за примена во пракса.
– Со тоа што почнаа преговорите постигната е главната цел бидејќи Европската комисија која одбиваше да разговара на таа тема повеќе од една година. Откако се случија протестите сфатија колку е сериозна работата и колку удира и по нивната економија. Тоа беше првиот успех што се постигна, а вториот е тоа што ЕК излезе дури предвреме со новата стратегија за визна политика со која возачите се препознаени како професионалци. Останува да го решиме моделот како тоа да се преведе во дневна пракса. Моделите веќе се намалуваат на два. Едниот е за прекуграничните, како што е случајот со Грција и Бугарија воопшто да не се потребни визи, на пример сега тема е нафтата оние кои возат со цистерни од Солун во Скопје. А вториот дел да го решаваме со издавање на долготрајни визи што го баравме од почеток, Швајцарија го имаше воведено уште пред да настане проблемот, а го најави и Хрватска. Потребни ни се уште неколку држави каде најмногу работат нашите провозници и со тоа целиот проблем да се реши, рече Николоски.
Ова, нагласи, го решаваме индивидуално, односно ние гледаме да го решиме проблемот за македонските превозници, а што и како ќе прават останатите држави е нивна работа.
– Би замолил јавноста и превозниците во Македонија да не паѓаат под туѓи агенди и провокации. Србија нека си го решава за Србија проблемот, БиХ за БиХ, Албанија за Албанија, Косово и Црна Гора за нив, ние го решаваме за нас. Додека почне да се применува овој нов систем очекувам сите проблеми да бидат решени, најави Николоски. (МИА)