Вицепремиерот и министер за транспорт како и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска беше гостин во централниот Дневник на телевизија Сител при што зборуваше за состојбата во македонската инфраструктура и почнатите капитални проекти, меѓу кои и завршувањето на пругата Куманово – Деве Баир при што посочи дека таму се три фази од кои првата може да се заврши многу брзо, а можеби уште годинава.
„Втората фаза се работи и по промената на директорот на Јавното претпријатие Македонски железнички – инфраструктура ќе можам да дадам конкретен рок, а во однос на третата фаза во Собранието поминаа грантови и кредити кои што Македонија ги доби за изградба на истата и таму не е ни почната постапката. Така што, таму ние ќе треба да ја почнуваме постапката и веројатно за месец или два од сега ќе можам да дадам конкретен рок за третата фаза, а за првите три фази можам уште денес да кажам дека ќе бидат завршени сигурно“, рече министерот Николоски.
Во делот за возовите кои што моментално сообраќаат во Македонија, Николоски посочи дека тие спаѓаат во делот на Јавното претпријатие Железници – Транспорт и кое претпријатие за жал е во многу лоша финансиска состојба и тоа се факти кои се неспорни.
„И секако треба да размислуваме на креативни начини како да се решаваат тие финансиски проблеми. Постојат повеќе начини, еве на пример, мислам дека можеме да размислуваме за воведување на таканаречен градски воз во рамки на Градот Скопје, нешто што го имаат поголеми градови насекаде низ Европа кој што ќе овозможи да постојната инфраструктура, која што во градот Скопје е релативно добра, да се искористи и на тој начин претпријатието да генерира значајна сума на средства која што ја нема сега. На пример вие имате директна пруга која што оди од населбата Драчево до центарот на Скопје до главната железничка станица. Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил и да чека во редови, да се создава загадување во Скопје, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до центарот на Скопје“, рече Николоски.
Додаде дека тоа е нешто што ќе го иницира со новиот директор на Македонски железници – транспорт, посочувајќи дека според негово мислење следната сезона во Скопје може да се отвори со ваков градски воз.
„Сезоната почнува во пролет секогаш, така што веќе следната сезона, мислам дека, можеме да ја отвориме. Има таква инфраструктура и до општината Ѓорче Петров и до општината Бутел и до делови од општината Гази Баба, така што може да се направи еден цел прстен во Скопје, особено во населби кои што се тешко поврзани со центарот и каде што и сега луѓето имаат сериозни проблеми да дојдат до центарот , да можат брзо и ефикасно да стигаат во центарот на градот , а да се растерети сообраќајот“, истакна Николоски.
Во однос на тоа дали за овој проект би требале нови возови, Николоски посочи дека можат да се искористат постојните.
„Идеи има многу и ќе направам се да се реализираат. Но, мора да се свесни и јавноста и граѓаните дека состојбата е полоша и од тоа што го зборувавме во кампања. Во министерството немало никаков фокус, никаков план, не се работело и дури човек да се чуди што е полошо, дали тоа што ништо не се работело“, заклучи, меѓу другото министерот Николоски.