Почитувани претставници на медиумите денес продолжуваме со кампањата за парламентарните и претседателските избори, денеска се спојуваат повторно двете кампањи. Продолжуваме тука од Струмица каде што планираме големи проекти по формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам сите граѓани да ја прочитаат нашата програма Платформа 1198 каде што нудиме решенија за најкрупните проблеми на граѓаните, пред се во делот на владеење на правото и воспоставување на функционален систем на владеење на правото и правна држава. Понатаму економскиот развој, решенија за состојбите во образованието и во здравството, поддршка за пензионерите, но и за најмладите преку проектот „Купи куќа“ и бројни други проекти кои што ги имаме во Платформата 1198.
За нас е огромна привилегија поддршката која што ја добивме вчера, сметаме дека резултатот кој што вчера го постигна Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ е обврска во следните две недели уште поинтензивно да се среќаваме со сите кои што сакаат да се сретнат со нас, да го објасниме нашиот концепт и визија и да ја побараме поддршката.
Очекувам на 8 мај да има убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе овозможат стабилна влада која што нема да биде уценува од никого и кој што ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ, но и политичката партија ДУИ.
Особено сум среќен како носител во ИЕ 4 што имаме победа во Струмица, тоа мислам дека е голем сигнал не само за Струмица, не само за струмичката околија туку за цела Македонија. Победата за Струмица за мене е најдрага од сите победи вчера, сакам да се заблагодарам на тимот позади мене, во следните две недели ќе работиме уште поинтензивно за да имаме уште поубедлива победа и Струмица конечно да го добие она што го заслужува, а тоа е економски развој и воведување на функционална правна држава каде што ќе има јасно владеење на правото, а не она што се случуваше во годините наназад.