Експресниот пат од Куманово -Страцин до Крива Паланка е изграден во рекордно време, шест месеци откако ја презедовме власта. Од 25,5 километри на 19 километри капка асфалт немаше ставено. Имавме проблеми со еден од изведувачите и надзорот заради претходниот однос на власта, па ги враќавме на проектот за да може да го завршиме, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во вестите на ТВ Сител.
Вицепремиерот потенцираше дека наследени се огромни проблеми околу нејасното финансирање и неизвеснот во реализацијата. Но со посветена работа, со нови методи на асфалтирање и со ангажирање на илјадници работници, експресниот пат е завршен во рекордно време.
“Прв пат се завршува проект на време. Овој пат е на народот и најмалку очекував од СДСМ да расипе таков убав настан. Три столба, односно три работи народот гледа во претходната власт. Прва работа дека ниеден крупен капитален проект СДСМ не успеа да го заврши. Второ огромна корупција и трето целосна потчинетост на ДУИ, тоа народот гледа кај СДСМ”- рече вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека овој експресен пат треба да има значајна улога во развојот на економијата, за отворање на нови фабрики, нови работни места и квалитетна комуникација со Истокот и со Бугарија. Во многу скоро време тој најави пуштање во употреба на експресниот пат Градско Дреново.