Денеска во Клубот на новинари се одржа комеморација во чест на починатиот колега Саше Димовски. Покрај неговото семејство, присутни беа колеги од различни медиуми, судии, обвинители и пријатели. За неговите професионални и лични придонеси во новинарската фела зборуваа Васко Маглешов, Младен Чадиковски, Убавка Јаневска, Ленче Здравкин, Аслан Вишко и Огнен Јанески.
Во рамките на комеморацијата, харфистката Мерсиха Шукри имаше музичка посвета во чест на колегата Саше.
Говорниците се осврнаа на почетоците и развојот на професионалната кариера, нагласувајќи го неговиот посветен пристап кон работата и непоколебливата заложба за откривање и пренесување на вистината. Неговата работа беше обележана со уникатен новинарски пристап, што го направи пример за многу млади новинари и колеги.
Како долгогодишен член на ЗНМ и претседател на Советот на честа при Здружението, Димовски значително придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди и интегритетот на новинарската професија во Македонија, особено преку неговиот, како што истакнаа и колегите „професионален рендген за најтемните ќошиња од секторот правда“. Под негово водство, Советот на честа при ЗНМ постигна значителен напредок во унапредувањето на етичките норми и заштитата на новинарските права, оставајќи наследство кое ќе продолжи да влијае врз идните генерации новинари. Следствено, на комеморацијата се даде и идејата во иднина да се востанови награда за истражување во правосудството, која би го носела неговото име.
Саше Димовски работеше како новинар од 1996 година. Работниот век го мина во бројни телевизии „Канал 5“, „Сител“, „Алфа ТВ“, ТВ „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник. Соработуваше со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални тв медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот СВЕДОК од 2015 година.