Македонија Анализа на АЕК

Недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија, влезот ограничен

Ова е шеста анализа што ја подготви АЕК за релевантен пазар за завршување на повик во мобилна телефонија, а е подготвена во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија, влезот ограничен

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) констатира недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија во најновата анализа на релевантиот пазар за завршување повик во мобилна телефонија. Укажува дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, таа е ограничена и претставува бариера.

Ова е шеста анализа што ја подготви АЕК за релевантен пазар за завршување на повик во мобилна телефонија, а е подготвена во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата. Врз основа на неа, донесена е и Одлука за определување на М-тел за оператор со значителна пазарна моќ на релевантниот големопродажен пазар на услуги за завршување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи на географското подрачје на државава.

Со одлуката на М-тел му се наметнуваат обврски за интерконекција и пристап, за транспарентност и недискриминација при интерконекција или пристап, за посебно сметководство при интерконекција или пристап и контрола на цени и обврски за сметководство на трошоци. М-тел треба да достави Предлог референтна понуда за интерконекција усогласена со член 84, став 3, од Законот за електронските комуникации. На Македонски Телеком, А1 Македонија, Лајка Мобајл и ТРД Роби кои веќе се определени како оператори со значителна пазарна моќ, им се продолжуваат веќе наметнатите обврски за кои проценува дека се најсоодветни за спречување на злоупотреба на постојната значителна моќ на релевантниот големопродажен пазар на услуги за завршување на повик во јавни мобилни електронски комуникациски мрежи.

Како што нотира АЕК во анализата, самата структура на пазарот на мобилни комуникации го објаснува нивото на развој на ефективната конкуренција на тој пазар, а високата пазарна концентрација говори за недостиг на постоечка конкуренција.

-Структурни бариери за влез на пазарот се оние кои се појавуваат како резултат на потребните првични трошоци или условите на побарувачката и создаваат нееднакви услови помеѓу операторот со значителна пазарна моќ на пазарот и останатите оператори на електронски комуникациски мрежи/услуги кои што сакаат да влезат на пазарот односно го отежнуваат или попречуваат влезот на нови учесници на пазарот. Присуството на високи и постојани бариери за влез е главна препрека за развој на ефективна конкуренција. Бариерата за влез претставува рестрикција за влез на релевантен пазар која им овозможува на постојните оператори да ги зголемат цените над реалното конкурентно ниво, стои во анализата.

На пазарот на мобилни комуникации активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. Како што наведува АЕК, двата оператора ги имаат постигнато и ги користат привилегиите од економиите на обем на интеграција и вертикалната интеграција. Располагаат со доволна количина на радиофреквенциски ресурс со која може да ја оптимизираат својата мрежа и да остваруваат минимални трошоци во своето работење. На тој начин се во состојба да постигнуваат и подобри малопродажни цени за мобилните услуги. Сите овие привилегии од аспект на структурата на пазарот и легалните бариери, според АЕК, нов пазарен учесник нема да биде во состојба целосно или делумно да ги исползува. Тоа значи дека нов оператор би поседувал ограничен радиофреквенциски ресурс за кој треба да аплицира на јавен тендер за да го добие. Истиот чини многу и оптимизацијата на фреквенцискиот опсег и неговото користење се комплицирани. Иако може да се констатира дека државата располага со доволна количина на спектар за влез на нов мрежен оператор сепак целиот тој процес набљудуван од легална или структурна природа одзема време, пари и човечки потенцијал и енергија за да тоа се постигне. Особено новиот пазарен учесник тоа не може да го постигне на краток рок.

-Сето ова значи дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но сепак треба да се констатира дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, истата е ограничена и претставува бариера. Ова ја потврдува пазарната доминација на двата мобилни мрежни оператори Македонски Телеком АД и А1 Македонија ДООЕЛ на пазарот на мобилни комуникации и особено на големопродажниот пазар за услуги за завршување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи, стои во анализата.

На М-тел му се наметнати обврски во согласност со Законот за електронските комуникации и во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата по спроведена анализа.

-Како хибриден виртуелен мобилен оператор М – Тел започна да обезбедува услуги од 1 февруари 2022 година од кога започнува да има свои корисници. Од анализата е констатирано дека М ТЕЛ е способен да ја обезбедува услугата за завршување на повик во јавна мобилна комуникациска мрежа до своите корисници. Понатаму, ниту еден друг оператор не е во состојба да ја обезбедува споменатата услуга освен операторот во чија мрежа завршува упатениот повик. Имајќи го ова предвид М ТЕЛ поседува сопствена пазарна доминација на сопствена физичка или изнајмена мрежна инфраструктура и поседува пазарна доминација за повиците кои ги завршува кај своите корисници, а ги добива од другите мобилни оператори врз основа на договорите за интерконекција кои ги склучил со нив. Исто така, треба да се има предвид и фактот дека има отсуство на ефективна конкуренција што е доволен показател за постоење на доминација на пазарот. Поради тоа, М ТЕЛ е прогласен за оператор со значителна пазарна моќ на релевантниот пазар за услуги за завршување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи на територијата на Македонија, објаснуваат од АЕК за МИА.

М-тел врз основа на сопствено моделирање на трошоците ќе ја предложи големопродажната цена за услугата завршување на повик во јавна мобилна електронска комуникациска мрежа како целосен виртуелен мрежен оператор. Оваа цена ќе се изедначи со цените на Македонски Телеком и А1 Македонија до истекот на четири години од моментот на влез на пазарот во државава од страна на Мтел. Поради сето ова на М тел му се наметнати обврски за интерконекција и пристап (за транспарентност, за недискриминација, за посебно сметководство, контрола на цени и обврски на сметководство и трошоци), посочуваат од АЕК.

Нивото на пенетрација на малопродажниот пазар на мобилни комуникациски услуги изнесува 89,68 проценти во четвртиот кавратл на 2020 година, 93,83 проценти во четвртиот квартал од 2021 година, 105,23 проценти во четвртиот квартал од 2022 година, односно 104,53 проценти во првиот квартал од 2023 година. Пенетрацијата е во постојат раст во последните три години и спаѓа во релативно висока, што, според регулаторот, ја покажува заситеноста на овој релевантен пазар кој од аспект на услугите повик, СМС, ММС, е релативно зрел пазар.

-Ова ниво на пенетрација може да претставува значителна бариера за развојот на конкуренцијата на пазарот, преку влез на нови учесници на пазарот и неговото движење кон ефективна конкуренција, се наведува во анализата.

Заклучно со вториот квартал минатата година, во државава се регистрирани 1.920.403 претплатници во мобилната телефонија. Во вкупниот број активни претплатници, А1 Македонија учествува со 48,11 проценти, Македонски телеком со 47,13 проценти, Лајка Мобајл со 2,84 проценти, Роби со 1,25 проценти, М-тел со 0,57 проценти и Грин мобиле со 0,10 проценти. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги во малопродажно ниво Македонски Телеком учествува со 50,79 проценти, А1 Македонија со 47,12 проценти, Роби со 0,89, Лајкамобајл со 0,76 проценти, М-тел 0,31 процент… Пристап до интернет преку мобилен во првите два квартала имале 1 489 288 од вкупно 1 920 403 претплатници во мобилната телефонија.

To top