Пред неколку години, на една јавна трибина во Тирана, еден постар Македонец од Голо Брдо стана и рече: „Не е страшно што не нè слушаат, страшно е што нè претставуваат погрешно“. Во салата настана тишина – не затоа што зборовите беа долги или патетични, туку затоа што секој присутен почувствува дека зад нив стои вистината за целата заедница. Тоа чувство на погрешно претставување, на намерно извртување на идентитетот, денес не се случува само во политичкиот дискурс туку и во медиумите, кои би требало да бидат чувари на вистината, пишува Далибор Станковиќ за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Во балканскиот медиумски хаос, каде што сензационализмот одамна ја потисна вистината, нападите врз македонските лидери во Албанија – Васил Стерјовски и Никола Ѓурѓај – не се обични новинарски „скандали“. Тие се дел од внимателно осмислена стратегија за дискредитација и заплашување, чија крајна цел е да се поткопа легитимноста на македонската заедница и да се создаде впечаток дека нејзиното постоење е проблем, а не право. Бугарските медиуми се претворија во инструменти на националистичка реторика. Наместо да информираат, тие фабрикуваат „откривања“, пласираат полувистини и манипулативни наслови, со што ја трујат јавната сфера и ја претвораат во поле на контролирана перцепција. Кога Стерјовски беше напаѓан со инсинуации за „српски пасош“, а Ѓурѓај претставен како „провокација“, тоа не беше новинарство – тоа беше пропаганда со јасна политичка агенда: да се ослабне самодовербата на македонската заедница и да се маргинализира нејзината улога во Албанија.
Јавноста мора да разбере: ова не е само напад врз двајца луѓе. Ова е напад врз симболите на една заедница, врз нејзиното право на политичко претставување и културна видливост. Сензационализмот, со зборови како „скандал“ и „паника“, не е ништо друго, освен евтин трик за мобилизација на емоции и за одржување националистички наратив. Затоа денес, повеќе од кога било, е неопходно да се прогледа низ оваа медиумска магла. Граѓаните мора да инсистираат на критичко читање, медиумска писменост и професионални стандарди. Ако дозволиме пропагандата да ја замени вистината, тогаш ја губиме јавната сфера, ја губиме демократијата, ја губиме можноста за информирано донесување одлуки.
Македонската заедница во Албанија не е „проблем“ – таа е живо културно ткиво на Балканот, дел од историската меморија и современата реалност на регионот. Таа заедница носи со себе јазик, традиции, песни и обичаи што се дел од богатството на целиот Балкан, а не пречка за неговата иднина. Нападите врз нејзините лидери не се само удари врз поединци туку удари врз симболите на една борба за признавање, врз правото на идентитет и врз достоинството на луѓето што со генерации го чуваат своето постоење. Кога се дискредитираат Стерјовски и Ѓурѓај, не се дискредитираат само нивните имиња – се дискредитира целата заедница, се испраќа порака дека македонскиот глас треба да биде замолчен.
Време е да се именува пропагандата како што е – алатка за манипулација, средство за контролирање на перцепцијата и за одржување националистички наративи што ја искривуваат вистината. Време е да се разобличи сензационализмот што ја труе јавната сфера и да се повикаат на одговорност оние медиуми што ја злоупотребуваат својата моќ. Одбраната на вистината не е само морална должност туку и политичка потреба: без вистина нема демократски дијалог, нема информирано граѓанство, нема иднина во која малцинските права се почитуваат.
Македонската заедница во Албанија е доказ дека Балканот може да биде простор на културна разноликост и заедничко живеење. Затоа секој напад врз нејзините лидери е напад врз сите нас, кои веруваме во право на идентитет, признавање и достоинство. Ако дозволиме пропагандата да ја замени вистината, тогаш ја губиме не само македонската кауза туку и самата идеја за Балканот како регион на култури што се дополнуваат, а не се уништуваат.
Далибор Станковиќ за НОВА МАКЕДОНИЈА
