Кланот Заеви, “холдингот ДУИинг биснис” и на ним сличните, мора да бидат предмет на темелна, транспарентна и детална истрага, се вели во Фејсбук статусот на пратеникот Љупчо Пренџов.
– Во однос на случувањата и сомнежите за криминал поврзани со кланот Заеви и Венко Филипче, мојот став е одамна јавно познат. Повеќе од 10 години сум присутен во јавноста преку емисии и настапи и ниту сум го менувал, ниту ќе го менувам мислењето кога станува збор за принципи и одговорност.
– Верувам дека Република Македонија ќе стане вистинска правна држава само тогаш кога Обвинителството ќе спроведе целосна, транспарентна и неселективна истрага за сите сомнежи што беа изнесени во јавноста. Не може да има доверба во институциите ако тие молчат за сериозни обвинувања поврзани со државни и јавни пари.
– Во периодот додека бевме во опозиција со години објавувавме документи и докази кои отвораат сериозни прашања. Доколку тие се неточни – институциите нека го кажат тоа јавно. Доколку се точни – мора да има одговорност. Толку е едноставно.
– Јас ја почитувам презумпцијата на невиност. Но уште повеќе ја почитувам потребата граѓаните да ја знаат вистината.
– Во однос на лиценците за одгледување марихуана, сметам дека 80 лиценци за држава со околу 1,5 милион жители се сериозен аларм. Очекувам Министерството за внатрешни работи и Обвинителството во најкус можен рок јавно да излезат со информации – кој работел законски, кој не, колкави количини се произведувале и дали имало злоупотреби.
– Ова прашање не е политичко. Ова прашање е институционално и правно. Ако сакаме доверба во системот, мора да има целосна транспарентност, имиња и презимиња, факти и одговорност.
Правда без селективност – тоа е единствениот пат напред.