Македонија

Намалено загадување на воздухот од затоплувањето на јавните здравствени установи

Министерството за здравство и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), денес потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се утврдува соработката за пренамена на системите за греење во јавните здравствени установи кон почисти извори на енергија. Соработката е дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, кој има за цел да го намали загадувањето на воздухот преку модернизирање на системите за греење во јавните згради, вклучително и објектите од здравствениот сектор.

Намалено загадување на воздухот од затоплувањето на јавните здравствени установи

Министерството за здравство и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), денес потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се утврдува соработката за пренамена на системите за греење во јавните здравствени установи кон почисти извори на енергија. Соработката е дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, кој има за цел да го намали загадувањето на воздухот преку модернизирање на системите за греење во јавните згради, вклучително и објектите од здравствениот сектор.

Партнерството меѓу Министерството и УНОПС се фокусира на подобрување на системите за греење во Клиничка болница во Тетово, петте поликлиники во Скопје, Психијатриската болница Бардовци и Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13-ти Ноември“ во Скопје.

Проектот предвидува овие капацитети да преминат од неефикасни извори на енергија, што го загадуваат воздухот кон компримиран природен гас како поодржливо решение, што ќе придонесе до 98% намалување на штетните емисии на честичките PM2.5 и PM10 .

На денешното потпишување на меморандумот, Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари посочи дека е од исклучителна важност заедничкото дејствување во насока на намалување на емисиите на аерозагадување.

„Здравјето на граѓаните е наш главен приоритет преку намалување на аерозагадувањето од старите системи за греење во јавните здравствени установи. Партнерството со УНОПС е клучен чекор за унапредување на заштитата на здравјето. Воедно, Министерството за здравство придонесува кон проектот со изградба на резервоари за компримиран природен гас, во вредност од 76 милиони денари“, истакна министерот Таравари.

Според Микела Телатин, претставник на УНОПС за Северна Македонија, потпишувањето на овој Меморандум за разбирање со Министерството за здравство е критичен чекор кон постигнување почисти, поздрави средини во Северна Македонија.

„Преку ова партнерство заедно ќе работиме да ги замениме застарените, загадувачки системи за греење во објектите од здравствениот сектор во Скопје и Тетово со почисти, поефикасни извори на енергија. Овој проект, овозможен со поддршка од Европската унија, ја одразува посветеноста на УНОПС за спроведување одржливи решенија, кои не само што ги намалуваат штетните емисии, туку и придонесуваат за благосостојба на заедниците. Со подобрување на енергетската ефикасност на овие згради, помагаме да се спречат здравствените проблеми поврзани со загадувањето и поддржуваме поздрава, поодржлива иднина за сите“, вели г-ѓа Телатин.

Проектот ЕУ за чист воздух е финансиран од Европската Унија со 10 милиони евра и има за цел да придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, Куманово, Битола и Тетово. Покрај транзицијата на изворите за греење во јавните згради кон почисти извори на енергија, проектот предвидува и набавка на шест еколошки CNG автобуси за Град Скопје, воспоставување урбани зелени појаси со 6.000 дрвја во четирите градови, изработка на физибилити студија за проширување на системот за централно греење во Скопје и надградба на мониторинг станици за квалитетот на воздухот со нова опрема за мерење на загадувачи, кои досега не се зафатени во земјава.

To top