Девојка на дваесетгодишна возраст почина од грип, потврдуваат за Канал 5 од Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Ова е седми смртен случај откако грипот зема замав. Девојката била префрлена од Клиниката за хематологија но без да се прецизира за која хематолошка болест била испитувана.Таа не била вакцинирана, а токму грипот е кобен за лугето со тешки или хронични заболувања, вели .Д-р. Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести. Тој апелира да се почитуваат и препораките за задолжително носење на маски во здравствените установи, особено хронично болните и при движење во средини со голема фрекфенција на луѓе.
– Секојпат кога ќе започне сезоната на вакцинирање за грип се знае дека тоа е за лицата кои се на приоритетна листа, за кои нема одлагање на вакцинацијата се меѓу првите кои треба да се вакцинираат и кај кои вакцината секогаш ќе даде максимален бенефит и ќе биде причина да се оневозможи хоспитализацијата и смртниот исход. Остануваме на препораките кои што претходно ги кажавме дека треба да се носат маските задолжително во здравствените установи за да се оневозможи повторно пренесувањето на вирусот од човек на човек особено таму кадешто веќе знаеме дека имаме хронично болни.- Злате Мехмедовиќ.
Според Мехмедовиќ, се чекаат бројките на болни за јануари за да се види дали има пораст на заболени за да се утврди портреба на евентуално нови мерки, иако вообичаено пикот на грипот е во февруари и почетокот на март.
-Не можеме да кажеме додека бројките не почнат да паѓаат. Ги знаеме бројките коишто беа за месец декември го очекуваме сега и извештајот за месец јануари. Се очекува тој пик на грипот секогаш да се движи во периодот помеѓу втората недела на месец февруари и првите две недели на месец март, кога точно ќе биде повторно ќе зависи од тоа какви ќе бидат извештаите од Институтот за јавно здравје. -Злате Мехмедовиќ.
Од Клиниката за инфективни болести посочуваат дека низ целата држава има тешки случаи на заболени со грип проследени со масовни пневмонии, а двајца пациенти се на респиратор. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје минатата недела пријавени се 1.675 заболени од грип или заболувања слични на грип , што е за 41,7% повеќе од претходната недела.