Активностите на учесниците на двојните избори за претседател на 24 април и за пратеници на 8 мај се интензивираат. Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел ги промовираа и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати. Денеска се очекува да биде познат и редоследот на кандидатите за претседател на избирачкото ливче.
Државната изборна комисија напладне ќе изврши ждрепка за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати за претседател на државата, а потоа и ждрепка за распределба на рекламните паноа и билборди.
Роковите за изборните дејствија течат, донесени се одлуки за едукација на изборните органи, а најдоцна до 2 април до ДИК треба да бидат доставени и кандидатските листи за пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ја промовираше изборната програма за претстојните избори, а СДСМ во саботата одржа конгрес на кој ги промовираше носителите на кандидатските листи за пратеници.
„Платформа 1 198“ на ВМРО-ДПМНЕ се потпира на пет клучни столба, а доминантна во програмата, како што посочи лидерот на партијата Христијан Мицкоски, е економијата, најавувајќи меѓу другото укинување на балансерот, реорганизација на институциите и нови министерства за енергетика и за социјална политика, демографија и млади.
Петте клучни столба на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, се активна и постојана борба за квалитетен животен стандард, отворање на фронт против корупцијата, работа на институтциите според закон, обезбедување на функционален систем за граѓаните и заеднички патриотизам кој, како што рече, во суштината е патриотизам кој обединува.
-Со „Платформа 1 198“ се обврзуваме на раст на БДП до 5 проценти годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2- 2,5 проценти годишно, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3 проценти од БДП, намалување на невработеноста до 7,5 проценти односно создавање на нови 55 илјади работни места, рече Мицкоски, најавувајќи задржување на рамниот данок, незголемување на данокот на личен доход и на данокот на добивка, даночно ослободување кај данокот на личен доход за нововработените млади до 29 години, целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче…
Програмата на СДСМ, пак, како што посочи во саботата лидерот на партијата Димитар Ковачевски, се заснова на неколку столба – европски плати и животен стандард, достоинствен живот за пензионерите и поддршка за младите, силна домашна економија и модерна европска инфраструктура. Најави новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата и по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.
Вети завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра.
– Ние со конкретни дела покажавме дека за нас нема друга визија и друг пат освен европскиот. Јас знам дека тој пат не е лесен, особено за нас. Јас на своја кожа почувствува дека Европската Унија не секогаш беше фер кон нас. Но, дали тоа значи дека треба да се откажеме? Апсолутно не! Затоа уште еднаш ќе потенцирам дека на Македонија и е потребна Европската Унија. Тука не зборувам за бркање на европскиот сон! Географски и културолошки, Македонија е составен дел од Европа. Она што нѝ треба и кон кое се стремиме се европскиот стандард, европските вредности и начин на живот, овде и сега, без одлагање и за сите, рече Ковачевски на конгресот во саботата.
Под мотото „Силно, одговорно и чесно за пристоен живот и европска иднина“ вчера и НСДП го одржа Шестиот конгрес, на кој најави поддршка за актуелниот претседател Стево Пендаровски, како и учество во Европската коалиција предводена од СДСМ на парламентарните избори.
Претседателот на партијата Горан Мисовски, како и Соња Мираковски и Мики Милковски ќе бидат кандидати на листите на коалицијата во Третата, Четвртата и Втората изборна единица.
-Сакаме европска Македонија да биде пристојно место за живеење во кое нашите деца ќе се школуваат и ќе останат тука да живеат, рече лидерот на НСДП Горан Мисовски во своето обраќање на Конгресот.
На Конгресот поздравни обраќања имаа и претседателот Пендаровски и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Пендаровски рече дека се надева на двојна победа и дека тој ќе му го додели мандатот на мандатарот Ковачевски. Во неговиот прв мандат, како што кажа, земјава влегла во НАТО, а во вториот ќе влезе во ЕУ.
И Централниот одбор на ДОМ донесе одлука претседателката на партијата, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник на шестата позиција на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица. Како што соопштија од ДОМ, членовите на Централниот одбор изразиле задоволство од прифаќањето на барањата од ДОМ поврзани со заштитата на животната средина од страна на кандидатот за претседател Стево Пендаровски и донеле одлука за поддршка на неговата кандидатура.
Од коалицијата предводена од СДСМ вчера излезе партијата „Достоинство“.
– Поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, во согласност со моите јавни укажувања и барања од мај, минатата година, повторени во многу мои јавни настапи во периодот потоа, „Достоинство“ излегува од коалицијата предводена од СДСМ, рече вчера лидерот на партијата Стојанче Ангелов.
Иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и Собранието, со кои, како што рече, нуделе решение на овој проблем, добивале постојана поддршка од страна на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале.
Информираше дека раководството на партијата донело одлука да ја прифати можноста да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ.
Конвенција за презентација на претседателскиот кандидат и носителите на листи за пратеници одржа и партијата ЗНАМ. Кандидатот за претседател на државата, Максим Димитриевски истакна дека заложбата на ЗНАМ е сите што живеат во државата да произведат доволно храна и енергија за, како што рече, „да бидеме свои на своето“.
Според Димитриевски, потребен е баланс во општеството и политиката, а од голема важност за нормалното функционирање на државата има дефиницијата на соживот, со што, како што нагласи, мора да гради реално мултиетничко општество.
– Крајно време е се да се запре тонењето на сите принципи во Македонија. За нас принципите на кои е поставена Македонија се црвените линии, нешто за кое што нема разговори и преговори. Демократија, владеење на правото и почитувањето на основните права и слободи на секој поединец се принципите по кои се водиме за менување на црно-сивата слика во општеството, рече Димитриевски.
Додаде дека интеграцијата во Европската унија е стратешка цел, но, како што посочи, прво треба да се сработи работата дома. Нагласи дека доколку биде избран за претседател нема да потпише закон или документ што ќе ѝ штети на државата.
Денеска се очекува Демократската унија за интеграција (ДУИ) да потпише договор за коалицирање со ДПА на Мендух Тачи, а медиумите јавуваат дека во оваа коалиција ќе влезе и партијата на актуелниот градоначалник на Шуто Оризари Курто Дудуш. Претходно, ДУИ потпиша договор за коалиција и со партијата на Скендер Реџепи Зејд. (МИА)