Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, во интервју за ПОГЛЕД говори за обновата на спомен-домот посветен на Разловечко востание, значењето на овој проект и активностите поврзани со неговата реализација.
-Разловечко востание претставува силен симбол на непокорот и непоколебливата желба за слобода на македонскиот народ. За нас, ова востание не е само историски настан, туку темел на нашето национално достоинство и колективна меморија. Тоа е наследство со кое се гордееме и кое имаме обврска трајно да го негуваме и вреднуваме, како едно од клучните востанија во борбата за слобода, рече тој.
Каква е улогата на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ во обновата на спомен – домот на Разловечко востание?
-Како национална установа, имаме сериозна и одговорна задача да го уредиме внатрешниот простор на спомен-домот со соодветни и содржински богати елементи. Ќе биде поставена современо конципирана историска поставка посветена на Разловечко востание, која ќе овозможи автентично и едукативно доживување на настаните. Предвидена е и мултимедијална просторија, наменета за одржување состаноци, презентации и едукативни активности. За оваа цел веќе формиравме стручен тим, кој ќе работи на коценпцискиот дел на изложбената историска поставка. Во понатамошната фаза се планира и етнолошки сегмент, како и библиотека со конференциски капацитет, со што спомен-домот ќе добие поширока културна и образовна функција, вели Начовски за ПОГЛЕД.
Редовно се врши увид од страна на надзорот, како и од претставници на Министерството. Пред само неколку дена во посета на спомен-домот бил и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој беше запознаен со текот на градежните активности.
Општина Делчево е целосно вклучена во организацијата на одбележувањето, на кое се очекува присуство и на премиерот Христијан Мицкоски,
-Најголемиот придонес за овој проект и најголемата заслуга за неговото целосно обновување му припаѓа токму на премиерот Христијан Мицкоски, кој уште пред да стане премиер, заедно со градоначалникот Иван Гоцевски ја најавија оваа иницијатива. Постојано сме во контакт со градоначалникот и претставниците на Општина Делчево, а Центарот за култура е активно вклучен во организацијата на настаните. Градоначалникот има формирано тим кој секојдневно работи на успешна реализација на овој значаен јубилеј, со цел настаните да бидат организирани на највисоко ниво. Во оваа прилика изразуваме искрена благодарност до градоначалникот Иван Гоцевски за неговата посветеност и поддршка, како и за целокупниот ангажман во реализацијата на овој значаен јубилеј од страна на тимот во општината. Самото внимание што се посветува од страна на Владата, министерството за култура и туризам и локалната самоуправа говори за тоа колку значаен ќе биде овој настан, рече тој.