На близу три месеци до претседателските избори, граѓаните во земјава се уште не знаат за кого ќе треба да го дадат својот глас на 24 април кога треба да бидат закажани претседателските избори. Деновиве, лидерите на партиите единствено што информираат е дека „кругот се стеснува“ и дека „е почнато предлагањето кандидати за претседател и пратеници“. Не се познати дури и сите лица кои ќе партиципираат во техничката влада, којашто треба да биде изберана следниот викенд (27 и 28 јануари).
Ќе имаат ли време граѓаните да ги запознаат кандидатите за претседател на државата доколку тие бидат промовирани на крајот на следниот или почетокот на март, како што се најавува? Или можеби, кандидатите и се веќе познати на јавноста така што нема потреба од долги воведни запознавања на граѓаните со идниот татко/мајка на нацијата.
Во јавноста веќе се шпекулира со повеќе имиња, иако партиите не сакаат јавно да соопштуваат кои кандидати се влезени во најтесниот круг. Дури ни актуелниот претседател Стево Пендароски се уште не соопштува дали ќе се кандидира за уште еден мандат. За некои од кандидатите веќе одамна се зборува дека типуваат на одредени позиции, а тоа стана очигледно по начинот на кој тие се претставуваа како на официјални настани така и на социјалните медиуми.
Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека во СДСМ е почната процедурата за предлагање можни кандидати за претседател на државата и за пратеници, за што изборите се закажани на 8 мај, кога би можело да се одржи и втор круг претседателски избори.
-Таа е статутарно пропишана и штом ќе заврши ќе може да бидат споделени имињата со повисоките органи на партијата. Прво оди во месни организации, потоа во општински организации и потоа доаѓа Извршниот и Централниот одбор. Дотогаш имињата не се коментираат бидејќи има поширока палета на имиња. Имаше медиумски напис за можни имиња, еминентни имиња, кои биле разговарани на овие состаноци, рече Ковачевски вчера во Шуто Оризари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во телевизиско интервју повтори дека се уште прават анализи за кандидати, кругот е потесен и ќе бидат соопштени на конвенцијата на 2 март. Како што рече, формално, секој што ќе ги исполни условите од огласот ќе може да учествува, но дека партиското раководство ќе одлучи зад кого ќе застане.
Тој исто така соопшти дека формирале комисија за преговори за коалицирање со политичките партии, како и дека во првата половина на февруари ќе разговараат со тие што се веќе дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во втората половина на идниот месец и со сите други партии кои, рече, имаат намера и желба да пристапат во коалиција, за во март тоа да биде завршено и да почнат со подготовка на кампањата за избори.
Во однос на партнери од албанскиот политички блок, Мицкоски одговори дека сакаат тоа да биде обединетата албанска опозиција но не сакаат, рече, многу да зборуваат за тоа да не се злоупотреби и да ја нападнат албанската опозиција дека соработува со ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидати за претседател ќе има и од албанскиот блок. Европски сојуз за промени најави дека ќе има свој претседателски кандидат, а во јавноста веќе се зборуваше за еден предлог. ДУИ се уште не се изјаснува дали ќе има свој кандидат за претседател.
Подготовки за техничка влада
На 27 јануари ќе започне седницата, а најдоцна на 28 јануари треба да се гласа за преодната влада, како вовед во изборниот процес во земјата и парламентарните избори на 8 мај. Претседател од оваа Влада ќе биде Талат Џафери, актуелниот претседател на Собранието, кој ќе биде заменет од Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ. Ќе има и нов пратеник на местото на Џафери, но исто така и доколку некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ стане министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика или дополнителен министер во ресорите финансии, земјоделство и администрација и информатичко општество.
Подготовките за техничката влада, како што најавија од Собранието, во смисла на оставки и седници, ќе се одвиваат во периодот од 22 до 26 јануари.
Имајќи ги предвид најавените активности на премиерот Димитар Ковачевски за следната недела, неговата оставка би можела да се случи на 25 или 26 јануари.
-На крајот на идната недела, согласно законските рокови, ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада, изјави Ковачевски прашан кога ќе ја поднесе оставката со оглед дека техничката влада треба да биде формирана за десетина дена.
Соопшти дека за законските рокови за поднесување оставки, избор на нов претседател на Собранието и за избор на техничката влада вчера имал состанок со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е кандидат за претседател на Собранието додека трае техничката влада.
Премиерот потврди дека има комуникација со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а на прашањето дали ќе има лидерска средба одговори дека не мора сите средби да бидат „во сали за состаноци“ и дека „многу работи може и на телефон да се завршат“.
-Комуникација имаме. Ние сме луѓе кои се познаваме, имаме заеднички пријатели, водиме две политички партии кои се најголеми во државата и сметам дека има работи што може на таков начин да се направат, а кои се од техничка природа – предлагање министри во техничка влада, договарање на термините кои исто така се законски пропишани, додаде Ковачевски.
Мицкоски, пак, во телевизиско интервју рече дека тие не се со драга волја во техничката влада и сметаат дека Талат Џафери не ја заслужува довербата и таа позиција, зашто многу контроверзии се биле поврзани со неговото име и оти ќе се воздржат од гласање.
ВМРО-ДПМНЕ се уште не ги соопштува имињата на министрите и замениците кои ќе бидат во техничката влада. – Затоа што ова е за нас технички период од 100 дена што треба да го обезбеди технички процесот и неговата кредибилност, рече Мицкоски.
На прашањето како техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ ќе му реферираат на техничкиот премиер Џафери кога не го признаваат, одговори дека не верува оти ќе има потреба од тоа. Но, рече, тоа нема да биде саботажа, ни недоаѓање, туку тие ќе бидат презафатени во министерствата.
За лидерска средба со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, пак, рече „нема потреба да се прави естрада од вообичаена работа и да се оптоварува јавноста“, туку тоа треба да биде формалност и за сите отворени прашања може да разговараат телефонски „како цивилизирани луѓе“.
-Имавме лидерска средба во Собранието со одлука за датум и тоа е доволно. Да правиме баук од нешто што е вообичаена работа е непотребно, додаде Мицкоски.