Началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски сведочеше на денешното судско рочиште за свирепото двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Тој откри дека истрагата ги следела повеќе различни теории, од кои една била базирана на информации дадени од родителите на Вања.
-Работевме на различни теории произлезени од родителите, а една од нив беше поврзана со виртуелно момче од Шведска, изјави Димовски.
Според него, Вања комуницирала со момче преку интернет, разговарале на англиски јазик, а деталите што ги откриле на неговиот профил ги вознемириле истражителите.
-Го проверивме профилот и забележавме дека на неговата страна имаше знамиња поврзани со ИСИС. Тоа го направи случајот уште посериозен и веднаш вклучивме колеги од други оддели за да ја провериме таа можна закана. Повикавме и колеги од Интерпол, проверки се вршеа во Шведска, проверувавме на граница, негативно беше сето тоа, а изгубивме два дена, одземавме телефони, компјутери и слично, додаде тој.