Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска оствари средба со претставници од американската амбасада, од Агенцијата за меѓународен развој на САД – УСАИД и од програмата CIDR (Critical Infrastructure Digitalization and Resilience).
CIDR е регионална програма поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на УСАИД. Преку оваа програма се дава поддршка на критичната инфраструктура, јавен сектор и други значајни институции за воведување на најдобри практики, стандарди, и соодветно законодавство за сајбер безбедност, како и на градење на капацитети за зголемување на отпорноста од сајбер напади.
Една од значајните активности на програмата CIDR е поддршката на министерството за имплементација на системот за управување со информациска безбедност. Во рамки на поддршката предвидени се и обуки за сите вработени со цел да се зајакнат капацитетите и да се подигне свесноста за ризикот од сајбер напади.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде пример на институција која ќе воведе највисоки стандарди за сајбер безбедност“, истакна Трипуновски.