Во деновите кога одбележуваме една година од трагичниот пожар во Кочани, утрово се обратив на отворањето на меѓународната конференција во Скопје посветена на клиничките аспекти по пожарот. Истакнав дека трагедијата нè потсети колку брзо може да се промени сѐ и колку е важно во најтешките моменти да стоиме заедно, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во обраќањето нагласив дека во тие тешки денови се покажа вистинската сила на дипломатијата и меѓународната солидарност. Благодарение на брзата комуникација со нашите партнери, активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на многу држави да помогнат, нашите пациенти добија медицинска грижа во болници ширум Европа. Упатив искрена благодарност до владите, амбасадите, институциите и народите на пријателските земји кои без двоумење ја подадоа раката, но и до докторите и медицинските тимови. Зад сите дипломатски напори и изрази на поддршка стоеја токму тие – луѓето кои со своето знаење, искуство и пожртвуваност спасуваа човечки животи. Нагласив и дека пријателството во вакви моменти има посебна тежина. Тогаш најдобро се гледа кој е вистински пријател. Кочани ќе ја памети трагедијата, но нашата држава ќе памети и нешто друго – дека кога дојде темнината, нашите луѓе застанаа заедно, а пријателите застанаа покрај нас, истакна Муцунски.