Македонија Брисел

Муртезани на средби со Суперти и Бретел од ДГ НЕАР

Состаноците исто така ги опфатија и актуелните состојби со скрининг извештаите, кои претставуваат важен индикатор за степенот на усогласеност на Македонија со европските стандарди.

Муртезани на средби со Суперти и Бретел од ДГ НЕАР

Во рамките на првиот ден од дводневната посета на Брисел, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше одделни средби со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR), и Сигрид Бретел, раководител на одделението за Македонија и Албанија при ДГ НЕАР.

Во разговорот со Валентина Суперти, акцентот на разговорите беше ставен на напредокот и следните чекори во рамките на Реформската агенда 2024-2027 и Планот за раст на Европската Унија за Западниот Балкан, што претставува значаен исчекор кон економска трансформација на регионот.

Исто така, се разговараше и за подготовките за потпишување на Договорот за инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, што ќе ги постави правните основи за спроведување на претходно договорените проекти.

Од особена важност беа и дискусиите за комуникациските стратегии, кои имаат за цел да ја информираат јавноста и бизнис заедницата за придобивките што овој план ги носи, како дел од пошироките европски интегративни процеси.

Министерот Муртезани изрази подготвеност за активно учество на земјата во утврдувањето на нови приоритетни области за соработка, со цел да се зајакнат регионалната безбедност и економскиот развој. Покрај тоа, беа разменети информации за статусот на подготовките на следниот Извештај на Европската комисија за Македонија, како дел од пакетот за проширување на ЕУ.

Состаноците исто така ги опфатија и актуелните состојби со скрининг извештаите, кои претставуваат важен индикатор за степенот на усогласеност на Македонија со европските стандарди. Во овој контекст, беше дискутиран и напредокот во реализацијата на патоказите и акциските планови, како неопходен предуслов за понатамошно интегрирање на земјата во европските структури.

Најнови вести од Македонија

To top