Соединетите Американски Држави ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи, но тоа не влијае врз другите постапки за студенти, стопанственици, туристи и слично, појасни денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
По средбата со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, одговарајќи на новинарски прашања во врска со одлуката на Стејт департментот за привремено замрзнување на процесот за издавање имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и за Македонија, тој истакна дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселеничките визи.
– Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапки за иселеничките визи. Ова не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД. Доколку сте стопанственик што сака да патува во САД, слободно ќе може да си аплицирате за виза, истакна Муцунски нагласувајќи дека тоа важи и за студенти, туристи…
Тој посочи дека се во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и оти македонската амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент и во согласност со информациите најмал број апликации што ги има од наши државјани се за тој тип на визи и, генерално, се работело за граѓани од повозрасна категорија.
Приоритет на нашата држава во делот на визната политика со други држави, нагласи Муцунски, „не се иселеничките визи, туку визите насочени за развојот на државата, а развојот на државата значи подобра визна политика со стопанственици, научници, студенти, за сите наши граѓани и тука нема никаква промена во визната политика“.
– Перцепциски ова ме потсетува на целокупната приказна со тарифите. Кога излегоа податоците за тарифите, слушав критики дека сме вброени меѓу земјите со највиоски тарифи, но кога издејствувавме да бидеме помеѓу земјите со најниски тарифи за индустрии што за нас се значајни, кога издејствувавме да спасиме работни места во компаниите, истите тие критичари никаде не ги слушам – изјави Муцунски.
Според него, во наредниот период се очекува решевање долгогодишни прашања.
– Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме – рече Муцунски.
Повтори дека приоритети за земјава се бизнисот, науката, туризмот, студентите, а одлуката на визниот режим на САД не влијае врз нив.
– Ова влијае единствено на иселенички визи кои се во најмал обем во делот на апликации од нашата држава за визи кон САД. Ние со САД имаме таков однос да сите прашања од ваков тип ги решаваме, а тоа го видовте посебно во делот на тарифите имаме меѓу најдобрите тарифни рати не само во Европа, туку и пошироко и очекуваме по нашите дискусии во слендиот период да добиеме уште подобри услови – нагласи Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија кажа дека за ова прашање веќе е дискутирано и оти разговорите ќе продолжат.
– Точно е, сме дискутирале, некоректно е од моја страна да ги дадам аругументите кои доаѓаат од нивна страна. Не сме единстена земја членка на НАТО, не сме единстена членка од регионот која што по прашањето на иселеничките визи е во оваа група. Дискусијата ќе продолжи во идниот период. Ќе повторам не е некаква црна листа, се работи за пауза за ислеченички визи. По однос на сите други категории политиката останува иста – рече Муцунски.
Иселеничката виза, според него, не е приоритет за Владата и македонските граѓани, туку приоритет е визната политика што ги засега нашите научници, стопанственици.
– Тука нема никаква промена. А по однос на ова прашање исто така ќе има дијалог, ќе има решение. Доколку македонски државјани нелегално престојуваат во САД и САД сакаат да депортираат македонси државјанин за нас нема никаква дилема дека ние имаме обврска да ги прифатиме тие државјани. Тоа веќе сме го дискутирале со САД во однос на наши државјани – рече Муцунски.
Во однос на најавата дека во наредниот период може да очекуваме позитивни решенија од преговорите со официјален Вашингтон, прашан дали може да се очекува и позитивно решение со Бугарија, посочи дека тоа прашање повеќе влијае врз ЕУ перспективите на државата.
– Секако САД како наш стратешки партнер имаат грижа за регионалната стабилност. Прашањата за кои мислам дека треба да очекуваме позитивни вести во следните шест месеци се повеќе од билатерна природа, а не од ваков контекст по однос на прашањето со Бугарија. Во последниот период имаше сериозен интерeс не само од наша страна, туку и од страна на ЕУ и одредени земји членки за засилен дијалог со Бугарија, за жал Софија не возврати со еднаков висок степен за желба на дијалог. Таму во моментов државата наскоро навлегува во изборен процес и треба да бидеме внимателни да не дозволиме изборниот процес во соседна Бугарија да наштети на овој процес за кој секако треба да се најде решение – изјави Муцунски.
Прашан за позиционирањето на нашата држава за Гренланд и дали ќе дадеме поддршка на САД како наш стратешки партнер Муцунски рече дека верува оти ќе се најде решение во согласност со меѓународното право.
– Во однос на тоа прашање ја следиме внимателно состојбата, веќе има дискусија и во рамки на НАТО како ќе се постави државата. Јас искрено сакам да верувам дека ќе се најде некое решение кое е во согласност со меѓународното јавно право, а по однос на конкретни идни хипотетички дејствија не би можел да одговорам – рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата истакна дека секое позиционирање на нашата надворешна политика се гледа низ призма на конкретен пример, оценувајќи дека успешно менаџираме во сложените геополитички времиња.
– Во однос на прашањето за Куба, беа повеќе европски земји, не две или три, туку повеќе кои гласаа или исто како што гласавме ние или воздражно, што значи повеќе земји членки дадоа поддршка. А по однос на секое друго прашање ние мора да се консултираме со САД, но и исто така и со ЕУ бидејќи може да постои прашање каде има интерес на заедничката надворешна и безбедносна политика, така што ние внимателно менаџираме со тие процеси, рече Муцунски.
Според него, во последниот Ивештај на Европската Комисија биле земени во предвид голем дел од нашите позиции на надворешен план и гласањата на мултилатерално поле и оти најголемата пофалба за нас била во делот на надворешната политика и добрата стратешка поставеност на државата.
– Секоја критика е добредојдена и треба да дискуситираме, но за многу гласања на мултилатерално поле слушав критика од експерти кои до вчера велеа дека клучна цел ни е да бидеме усогласени со САД, сега водат анти САД реторика во македонската јавност, а паралелно ЕУ ја пофали статешката поставеност на нашата држава. Тоа значи дека сме успеале во овие сложени геополитички времиња успешно да менаџираме, оцени министерот Муцунски.