Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на прес-конференција објави дека следната седмица ќе започне враќањето во државата на првите пациенти кои се третираат во странство, а се во задоволителна здравствена состојба за да се вратат.
Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денес ќе се одржи координативен состанок за наредните чекори и мерки за соодветна организација за очекуваното враќање на сите излекувани пациенти или за продолжување на нивната терапија во земјата.
„Најавите што ги имаме се дека во тек на следната недела ќе почнат да се враќаат првите пациенти, тие најави ги добиваме во директна комуникација каде што се сместени и кои ќе бидат во доволно добра здравствена состојба за да може да се враќаат назад”, рече Муцунски на прес-конференцијата.
Тој информираше дека вкупно 116 пациенти со повреди од пожарот на концертот во Кочани се лекуваат во странски болници во 14 европски држави. Tрошоците за нивниот третман се покриени од земјите домаќини, а патувањето и сместувањето на нивните најблиски и трошоци за целата логистика за нивниот престој во странство се на товар на нашата Влада.
Муцунски, на прес-конференцијата потенцираше дека сите “поминуваме исклучително тежок период и силен психолошки притисок” и им се заблагодари на сите земји кои ги примиле повредените и за нивната солидарност.
Тој рече дека од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се испратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се испратени преку директна билатерална помош. Како што изјави тој, во најкраток можен рок и според највисоките медицински стандарди, тие беа транспортирани во болниците во странство, благодарение на организираноста и комуникацијата на Кризниот штаб во МНРНТ и дипломатско-конзуларните претставништва во земјите каде што се лекуваат.
Најголем број од хоспитализираните во странство, 31, се во болници во Србија, 15 во Бугарија, по 12 во Турција и Грција, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска. Чешка и Израел испратиле медицински тимови, додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените.
Муцунски изјави дека утре ќе замине во Будимпешта да ги посети повредените кои се во тамошните болници, а овие денови ги посетил болниците во Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена и Љубљана. Се сретнал со семејствата и со медицинскиот персонал кои детално го информирале за состојбата на повредените, како и со министрите за надворешни работи и за здравство на тие земји на кои им се заблагодарил за помошта.
Исто така, објави дека нашите ДКП се во 24-часовна комуникација со семејствата во земјите каде се згрижени нивните најблиски и дека им се покриени сите потребни трошоци. Тој додаде и дека дежурните телефони на МНРНТ и СОЗР остануваат отворени за сите прашања и потреби.