Македонија

Муцунски од Луксембург: Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на целиот континент

Муцунски од Луксембург: Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на целиот континент

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на потпретседателот на Европската Комисија и високи претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борељ, учествуваше на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ со земјите партнери од Западен Балкан.

Муцунски во обраќањето ја истакна посветеноста на новата влада за забрзување на темпото на реформските постигнувања што водат кон остварување на зацртаната цел: што поскоро членство на земјата во ЕУ.

“Цврсто верувам дека проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент, што придонесува во градењето отпорни општества, а јасно е дека членството на земјите од Западен Балкан во Унијата претставува т.н. геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на континентот како целина”, истакна Муцунски.

Во контекст на актуелните светски случувања, Муцунски нагласи дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е најитниот и најголемиот предизвик на европскиот континент, но и пошироко. Истиот има големо негативно влијание и врз земјите од Западен Балкан, кои што потенцијално отвораат зона за можна дестабилизација на Регионот.

“Нашата земја го задржува својот принципиелен став во однос на Украина кој го има заземено уште од првиот ден на почетокот на војната, осудувајќи ја бруталната агресија на Русија, како и давајќи недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Имаме целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и сите рестриктивни мерки донесени од страна на ЕУ против Русија, а едновремено давајќи политичка, хуманитарна и воена поддршка на Украина”, потенцираше Муцунски.

На состанокот беше повторена заемната заложба за натамошна поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што претставува споделена стратешка цел и гаранција за безбедноста.

Најнови вести од Македонија

To top