Во интервју за весникот Вечер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски говори за повеќе прашања, меѓу кои и барањето од Бугарија за уставни измени, резултатите од пописот во Албанија, најавите од Грција за „тајното оружје“ поради непочитување на Договорот од Преспа, инвестициите и трговијата, како и генералната поддршка од меѓународниот фактор за стратешките цели на земјава.
Тој во интервјуто за весникот „Вечер“ потенцира дека нашите меѓународни партнери, пред се од НАТО Алијансата и Европската Унија, се задоволни од првите неколку недели од работењето на новата македонска влада и искрените заложби за спроведување сериозни внатрешни реформи, воедно препознавајќи ги капацитетите на Владата да биде фактор на стабилност во целиот регион.
„Во делот на нашите меѓународни позиции, јас би рекол дека од големо значење е фактот што Владата ќе остане 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, што ќе остане принципиелен поддржувач на Украина, бидејќи во делот на НАТО- алијансата, тој аспект на безбедноста е едно од клучните прашања.“, нагласува министерот Муцунски.
Во однос на прашањето со Грција и најавите од грчката страна за поседување „тајно оружје“ поради евентуално непочитување на Преспанскиот договор, тој во интервјуто вели неопходно е соседите да бидат обединети во заедничките цели, а политичарите да бидат пацифисти кои користат конвенционални дипломатски алатки.
„Мислам дека ние што работиме во меѓународните односи треба да бидеме малку повеќе пацифисти и да користиме конвенционални дипломатски алатки, а не оружје, да ги надминуваме предизвиците. Не сакам ни да размислувам да го користам зборот „оружје“ во времиња кога се војува со оружје во светот и умираат луѓе. Треба да сме обединети кон заедничките цели, а и со Атина и со Софија, како и со сите други земји, и од потесниот и од поширокиот регион. Верувам дека има многу повеќе прашања што можат да нè обединат отколку прашања што треба да нè делат“, нагласува Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија во интервјуто потенцира и дека отворените политички прашања треба да се решаваат со меѓусебно почитување и дијалог.
„Предизвици меѓу државите имало и ќе има. Но, би рекол дека таквиот тип предизвици, особено кога се од политички карактер, се решаваат со добра верба и со доверба. Тоа се две различни работи што треба да ги имаме на ум секогаш кога ќе се појават предизвици пред нас. Јас сум тип на човек што сака да гледа напред и кон иднината, затоа што тоа што го правиме сега и тие мерки што ги преземаме сега, имаат широки импликации и многу е лесно кога ние, како политичари, ги гледаме импликациите само низ призма на политиката“, нагласува Муцунски во интервјуто.
На прашањето за условувањата од Бугарија и бавниот евроинтеграциски процес, министерот во интервјуто потсетува дека владата има проактивен пристап за приближување на државата кон Европската Унија, како и дека членството мора да биде засновано врз основа на објективни и мерливи фактори, а не на билатерални и политички прашања.
„Најлесно сега, нам, како Влада, ќе ни беше да речеме: „Нашиот став е против, сметаме дека не е ова врз основа не МЕРИТ, се повлекуваме, ако сака ЕУ – нека нè прими“. Не, ние сме проактивни, нудиме решение. Секогаш сум оптимист и секогаш мислам дека, барем во современиот контекст во кој функционираме, кој е многу подинамичен и различен од дипломатската активност пред 10, 20, 30 години, доколку сте искрен, отворен и понудите логичен пристап, тоа, споено со геостратешкиот интерес, може да вроди со плод“, заклучува министерот Муцунски.