Македонија

Муцунски на НАТО Самитот: Како кредибилна НАТО членка остануваме посветени на зајакнувањето на колективната безбедност

Муцунски на НАТО Самитот: Како кредибилна НАТО членка остануваме посветени на зајакнувањето на колективната безбедност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, учествуваше на НАТО Самитот, што се одржа од 9-ти до 11-ти јули, во Вашингтон.

Во фокусот на темите беа актуелните безбедносни предизвици, со посебен акцент на поддршката за Украина, зајакнувањето на одбраната и одвраќањето на Алијансата, како и унапредување на соработката со партнерите од Индо – Пацификот.

Сојузниците го поздравија постигнувањето 2% од БДП за инвестиции во одбраната од страна на 23 земји членки на Алијансата, меѓу кои и Северна Македонија. Земјава оваа година го надмина споменатиот праг и се очекува истиот да расте во периодот што следи. Со тоа докажуваме дека сме кредибилна НАТО членка, што активно придонесува за зајакнување на колективната безбедност.

На Самитот беше реафирмирана силната и непоколеблива поддршка за Украина, оценувајќи ја руската агресија како брутално кршење на меѓународниот поредок базиран на правила. Воедно, беше донесена одлука за пакет за практична поддршка за Украина, како и заложба за долгорочна безбедносна помош на земјата. Северна Македонија останува цврста на ставот за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и обезбедување помош за украинскиот народ се додека е потребно.

На состаноците беше нагласена потребата од зајакнување на соработката помеѓу НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, што претставува гаранција за регионалната и целокупната трансатлантска сигурност. Притоа, беше истакнато дека продолжувањето на политиката на Отворени врати на НАТО и проширувањето на Европската унија се најдобрите алатки за постигнување траен мир и гарантирање на демократските процеси на нашите простори.

НАТО Самитот беше одлична можност и за разгледување на перспективите за продлабочување на соработката со земјите од Индо – Пацификот, што е важно во променетиот геополитички контекст. Зајакнувањето на врските со Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд ќе придонесе за зајакнување на Алијансата и обезбедувањето силен и решителен одговор на растечките предизвици кои произлегуваат од соработка меѓу авторитарните актери.

Во рамки на работната посета на Вашингтон, Муцунски оствари неколку работни средби, а по нејзиното завршување тој патува за Њујорк, каде следува средба со претставниците на македонската дијаспора и низа состаноци насочени кон зајакнување на билатералните односи и промовирањето на земјава како атрактивна дестинација за странски инвестиции.

To top