По приклучувањето на Факултетот за информатика од Штип кон институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем во Македонија, од денес соработници на Министерството за образование и наука во остварувањето на оваа цел се и приватната високообразовна установа и друштвото за интернет едукација, кои работат под брендот Бреинстер.
На конференција на која беше потпишан трипартитен меморандум за соработка, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска изрази задоволство што раководствата и кадарот на овие два едукативни субјекта, покажаа висок општествена одговорност и силна волја со своето знаење и стручност да им помогнат на министерството, Бирото за развој на образованието и Центарот за развој на стручното образование во интегрирањето на оваа технолошка иновација во наставните програми во средните училишта во државата.
– Примарниот фокус на меморандумот што денес го потпишуваме е поддршка за воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Важно е нашите ученици да знаат етички да ја применуваат при остварувањето на образовни и професионални цели. Но, Бреинстер ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование и јас им благодарам за подадената рака, рече Јаневска.
Потсети дека МОН и Факултетот за информатика во Штип веќе подготвуваат документ со насоки за наставниците и за учениците околу примената на вештачката интелигенција од септември, што, како што рече, ќе биде увертира на воведувањето на конкретни теми во наставните програми во секое одделение.
– Развојот на националниот образовен систем и грижата за создавање на квалитетни и добро едуцирани млади генерации е обврска на цело општество. И затоа, драго ми е што општествената одговорност постојано се зголемува, а институциите добиваат нови партнери, додаде министерката.
Основачот на Бреинстер групацијата, Петар Ниновски потенцираше дека за нив ова е значаен ден бидејќи се формализира соработката со МОН и се прави голем чекор напред кон системски пристап во воведување на вештини поврзани со познавањето на вештачката интелигенција во средното образование.
– Веруваме дека заеднички можеме да изградиме образовен систем што не само што ги следи светските трендови, туку и активно учествува во нивното дефинирање. Среќни сме што државата го препозна потенцијалот кој го поседуваме и особено сме благодарни на министерката Јаневска за покажаното лидерство и визија. Младите заслужуваат квалитетна подготовка за да може да создаваат подобра иднина за Македонија. Чест ни е што сме дел од овој процес на трансформација на општеството, потенцираше Ниновски.