Во 2024 година, продолжуваме со уште посилно темпо. Одбранбениот буџет за следната година изнесува историски најголеми, 2,05% од бруто-домашниот производ, односно речиси 330 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе од буџетот за 2023 година. Продолжуваме да инвестираме и во нова и модерна опрема за која во 2024 година се одвоени една третина од буџетот, односно речиси 100 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од 2023 година.
2024-тата година освен новите JLTV окопни возила од кои 32 се веќе пристигнати, Армијата треба да ги добие и првите Stryker оклопни возила, додека истовремено продолжува и реализацијата на другите набавки кои се очекуваат во следните неколку години – новите системи за против-воздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција. Македонската армија ќе се опреми и со нови и софистицирани дронови кои ќе бидат на располагање и на другите институции.
Оваа година направивме исчекор и во оперативноста на воздухопловната компонента. Потпишана е рамковна спогодба со Чешката Република за набавка на резервни делови за воздухопловите на Армијата со што креиравме систем кој ќе ја осигура функционалноста на воздухопловите, до планираната набавка на нови осум повеќенаменски хеликоптери за што во почетокот на следната година ќе биде донесена и финална одлука. Во меѓувреме, во првата половина на 2024 година од Чешка ќе пристигнат и два ремонтирани транспортни хеликоптери Ми 8/17.
Кога велиме дека стандардот на припадниците на Армијата и вработените во одбраната се нашиот приоритет мислиме на превземањето на реални чекори, како донесувањето на новиот Закон за вработените во одбраната кој се наоѓа во собраниска процедура. Со ова законско решение, службениците во одбраната ќе го заземат местото кое им припаѓа согласно нивното место во одбранбениот систем. Текстот на законот е донесен во една широка консултација со вработените, репрезентативниот синдикат, академската заедница и невладиниот сектор, а изработен е согласно највисоките стандарди на НАТО.
Армијата и во 2023 година продолжи да се подмладува. Примени беа 300 нови професионални војници од околу 1.900 пријавени – квантитет што гарантира квалитет. Произведени беа и 150 подофицери, а во февруари 2024 година ќе заврши и обуката на 30 лица со цивилни факултети кои ќе станат офицери во Армијата. Започнавме и со процесот на стипендирање на кадри со критични специјалности. Спроведен беше јавен оглас за стипендирање, на кој по проверките шест студенти ги исполнуваат условите и истите по завршувањето на студиите ќе бидат дел од одбраната.
Продолжуваме да даваме придонес кон колективната и регионалната безбедност. Армиски припадници учествуваат во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, а во регионот безбедноста ја зацврстуваме преку учеството во мисијата на НАТО на Косово, КФОР и операцијата на ЕУ во БиХ, АЛТЕА.
На меѓународен, регионален и билатерален план имавме исклучително успешна година. Потпишан е десетгодишниот патоказ со САД, кој ја покажува насоката на развојот на одбранбената соработка со нашиот сојузник и стратешки партнер во следните десет години. Потпишан е и нов Договор за соработка во одбраната со Словенија, а ваков договор за прв пат беше потпишан и со сојузничка Португалија. Реализирани беа 10 официјални посети во странство, додека шест министри за одбрана беа во официјална посета на Северна Македонија. Со организацијата на министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Скопје, ја зацврстивме и регионалната соработка.
Активни и успешни бевме и на планот на транспарентноста на Министерството. 2023-та година беше година на троен успех во овој домен. Го потврдивме нашето лидерско место според активната транспарентност, каде 4 години по ред сме лидери, а последните три и со 100-процентнен учинок. Оваа година го заземавме и првото место според регионалниот Индекс на отвореност каде сме на првата позиција споредено со институциите на национално и на регионално ниво. Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во Извештајот за извршена проверка на објавените документи и информации го позиционираше Министерството за одбрана на првото место со 100% број на бодови.