Македонија Криза на Блискиот Исток

МНР интензивно работи на евакуација на македонските државјани од Израел, ОАЕ и Катар

Се разработуваат планови за враќање преку Египет, можен ангажман на владин авион и чартер-летови; едно лице веќе евакуирано од Иран

МНР интензивно работи на евакуација на македонските државјани од Израел, ОАЕ и Катар

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја на Блискиот Исток, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати и Катар.

Во моментов се разработуваат конкретни планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови, а по потреба и со ангажирање на владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за организирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови на терен.

Од Министерството информираат дека во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва, било асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се вратил во Република Северна Македонија.

Дополнително, шест македонски државјани кои престојувале во Израел веќе обезбедиле авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно учествувало во координацијата и организацијата на нивното заминување.

Од ресорното министерство потенцираат дека безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Во директна комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери, како и преку дипломатско-конзуларната мрежа, се преземаат сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

Најнови вести од Македонија

To top