Македонија

Мисајловски не очекува ново вето од Грција, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат усно да ја изоставаат придавката „северна“

Немаме дилема како партија и како општество дека имаме еден пат – кон ЕУ и НАТО, но нема да го промениме тоа што го зборуваваме и претходно во врска со употребата на Република Македонија и терминот „северна“, вели потпретседтаелот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Мисајловски не очекува ново вето од Грција, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат усно да ја изоставаат придавката „северна“

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, новата претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова не го прекршила Уставот со неупотребата на уставното име на државата при положувањето заклетва во Собранието. Мисајловски додава дека пратениците, министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка Силјановска-Давкова ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.

-Во комуникацијата можете да си употребувате Македонија, јас не гледам пречки, мислам дека тоа е исправно, но од другата страна кога грчките политичари кажуваат Македонија и нема реакција од македонкото МНР тука има двојни аршини. Ако зборуваме за почитување на Договорот од Преспа, една минорна работа ќе спомнам, една од обврските на Грција е да ги смени таблите, а сте виделе дека останале Евзони и Скопје. Половина милион граѓани го очекуваа и дадоа поддршка за ова. Ние не сме се промениле, постојано велевме дека овој договор е штетен и истото го зборувавме за францускиот предлог кога многу мислеа дека веднаш ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена ќе го смени Уставот. Не е точно, апсолутно не е така, останавме доследни на она што го зборувавме во кампањата, вели Мисајловски за „360 степени“.

Мисајловски повторува дека тие од формално-правен аспект ќе го почитуваат уставното име само каде што мора, но никој, како што вели, не може да им ја забрани употребата на терминот Република Македонија.

-Јас сум пратеник четири години и тоа го користам постојано, исто така и Силјановска-Давкова беше пратеник во минатиот состав и мислам дека ние бевме де факто државни функционери и еве министрите во техничката влада, но мене ми е подраго што по завршување на таа изјава во Собранието, целиот дипломатски кор беше присутен и дадоа огромна поддршка од ЕУ и сите дипломатски претставници и ние ќе ги негуваме односите и ќе работиме за подобра, за горда Македонија, но ќе го правиме она што го правевме и претходно. Не мислам дека би имало ново вето поради ова. Баш намерно спомнувам дека и грчките политичари го употребуваат терминот Македонија. Многу пати кога имаат јавни настани, ако ги забележите, постојано велат Македонија и одговорот треба од нив да стигне. Но, никој во нашата земја не може да ни забрани името Македонија да го користиме. Јас во Собрание ова постојано го користам, претседател сум на Комисијата за транспорт, секој ден работам согласно закон, вели Мисајловски.

Најнови вести од Македонија

To top