ВМРО-ДПМНЕ претендира да ги има позначајните министерства и функции базирајќи се на резултатот и огромната победа на партијата, но на крајот, како би изгледал форматот на новата Влада е одлука на мандатарот Христијан Мицкоски, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
По саботната средба на која во штабот на коалицијата „Вреди“ за прв пат разговараа челниците на ВМРО-ДПМНЕ и кна оалицијата „Вреди“, Мисајловски вели дека атмосферата пријатна, па и еуфорична поради резултатот, и дека се разговарало за принципите на кои би почивала идната влада, како што се борбата против корупцијата, економијата, европските интеграции, но и за тоа како двете страни да создадат партнерски и принципиелни односи.
-Тие принципи ако ги направиме на почеток и ако покажеме дека се почитуваме меѓу себе, мислам дека многу побрзо ќе одат преговорите, но ова беше добра основа и многумина велат – зошто ВМРО-ДПМНЕ појде во помалата партија. Не, ние сакаме да покажеме дека големите треба да ги почитуваат сите мали и мислам дека покажавме сосема поинаков пристап, вели Мисајловски.
Кога станува збор за претседателското столче во Собранието и дали според бројот на освоени мандати – 58, ВМРО-ДПМНЕ очекува да го добие ова место, Мисајловски вели дека како партија претендираат за сите позначајни места, но тоа е одлука на мандатарот, иако барем засега не се разговарало за кадровските решенија.
-Не сме седнале да ги разговараме овие кадровски прашања, навистина е така, не го кажувам само затоа што сум гостин во емисијата. Не, навистина не се разговара за нешто такво, прво да ги договориме принципите и програмите, па потоа ќе разговараме за кадровски прашања и мислам дека е добро и од наша страна да не ги зборуваме ресорите бидејќи потоа се губи довербата, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, главна заложба на двете страни е борбата против корупцијата.