Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин и оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, кој е во официјална посета на нашата земја.
Станува збор за прва посета на странски министер за надворешни работи по формирањето на новата Влада, што воедно е силна потврда за одличните и долгогодишни односи меѓу двете земји, како партнери и сојузници во НАТО.
Министерот Муцунски се заблагодари за поддршката од Турција за справување со пожарите и подвлече дека посетата е јасен сигнал за интензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерство и пријателство кое заеднички го градиме и негуваме во интерес на нашите граѓани.
„Оваа посета и нашата денешна средба е уште еден значаен момент во нашите билатерални односи, бидејќи претставува прва официјална посета од странски колега-министер по моето стапувањето на должноста министер за надворешни работи и надворешна трговија. Особено ми е драго што тоа е токму министерот за надворешни работи на Република Турција, почитуваниот Хакан Фидан. Ова е силна потврда за сѐ поинтензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерство и пријателство кое заеднички го градиме и негуваме“, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.
На средбата помеѓу двете делегации беа разменети мислења за прашања поврзани со билатералните односи и можностите за унапредување на соработката преку конкретни активности во повеќе области. Двајцата министри разговараа за унапредување на односите во областите кои се од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување, како од надворешно-трговски, така и од инвестициски аспект. Заемно беше поздравена досегашната целокупна економска соработка, но исто така беше констатирано дека таа го нема достигнато посакуваното ниво од двете држави. Постојат многу можности кои треба максимално да бидат искористени од страна на државите и бизнис субјектите од двете земји.
Во разговорите, беше потенцирана успешната соработка и во рамките на одбраната, образованието и културата, но и одличната комуникација и соработка во делот на регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Турскиот министер нагласи дека нашата земја има посебно место за него и дека Турција посебно го цени пријателството и сојузништвото со Македонија.
„Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме стратешки совет за соработка. Турција има цел да ја зголеми билатералната економска соработка од една на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава. Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби“, истакна турскиот министер Фидан по средбата.
Министерот Муцунски го запозна својот колега со актуелните состојби во регионот од нашата перспектива, која е целосно насочена кон ЕУ-реформскиот процес и побрза интеграција во Европската Унија. Стана збор и за актуелната позиција на државата во однос на процесот на интегрирање, при што министерот Муцунски посебно укажа на фактот дека предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ не е само процедурална работа туку таа е и камен-темелник на нашата стабилност и напредок, нагласувајќи дека токму тоа е она што на граѓаните им дава надеж и чувство за насока, ги мотивира нашите реформи и ги потврдува нашите аспирации кон поширокото европско семејство.
На средбата беа разменети мислења и за заедничките предизвици со кои се соочуваат нашите земји во контекст на миграцијата, радикализмот, како и предизвиците наметнати од тековните глобални случувања поттикнати од руската воена агресија врз Украина, како и последните состојби на Блискиот Исток. Беа споделени грижи и очекувања за смирување на сите воени дејствија и запирање на страдањата на цивилното население во засегнатите земји. Министрите разменија мислења и за други актуелни прашања од надворешната политика.