„Според мене Алијанса за Албанците не е кохезивна партија. Гледаме дека Таравари, од она што можеме да го видиме во Собранието, не ја контролира целата пратеничка група“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„Една група на пратеници е поблиска со Зијадин Села, а друга група на пратеници е поблиска со Таравари. И гледаме дека тој кокетира со власт“, рече Милошоски.
Милошоски додаде дека Таравари има одредени калкулации со актуелната власт.
„Видовме оној случајот со куќата во Тафталиџе за енормно ниска цена е земена, а во таква населба. И сметаме дека Таравари има одредени калкулации со актуелната власт. Некогаш глуми владејачка партија која што нуди одредени проекти, а другпат кога е потребно глуми опозиција и критикува“, појасни тој.
„Талат Џафери во соработка со Арбен Таравари и со Алијанса, тоа е еден проект на ДУИ и Алијанса, тука СДСМ се сосема споредна партија, наместо уште во првите месец дена откако Кренар Лога од член на ДИК излезе и стана дел од власта, и наместо да распишат оглас и да го доделат тоа место во ДИК на опозицијата, тие се уште калкулираат. И имаат некакви тактики и варијанти дека Алијанса сега ќе се прогласи себеси за опозициона партија, па повторно да го земе тоа место, па да има членови на избирачки одбори, па дел од опозицијата да нема членови по избирачките одбори. Што значи дека тие се спремаат за изборни малверзации“, нагласи Милошоски.
Тој рече дека секоја сериозна опозиција би требало ако има законска можност да биде дел од таква изборна Влада за да се минимизираат малверзациите на власта.