Македонија

Милијарда евра за 4 години за инвестиции во општините, зголемување од 5.000 денари на пензиите, ниски даноци – еве што сѐ ветува Мицкоски

Милијарда евра за 4 години за инвестиции во општините, линеарно зголемување од 5000 денари за над 300.000 пензионери, ниски даноци, изградба на производен центар за производство на базна енергија, отворање на развојни истражувачки центри за младите, ветува Мицкоски

Милијарда евра за 4 години за инвестиции во општините, зголемување од 5.000 денари на пензиите, ниски даноци – еве што сѐ ветува Мицкоски

Една милијарда реалокација на средствата од државниот буџет кон општините за четири години, или 250 милиони евра годишно, линеарно зголемување на пензиите за над 300.000 пензионери од 5000 денари, ниски даноци и привлекување на компании за инвестирање и реинвестирање на добивката, изградба на производен центар за производство на базна енергија, основање на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кои ќе ги следат светските трендови, како и отворање на развојни истражувачки центри, се само дел од економските принципи кои што вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги најави на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, а ќе бидат дел од изборната програма на ВМРО-ДММНЕ за парламентарните избори во 2024 година.

Во првиот дел од својот говор Мицкоски го презентираше носечкиот проект на владата на ВМРО-ДПМНЕ кој веќе е познат кај јавноста, а тоа е токму реалокација на средства од државниот буџет во вредност од 250 милиони евра за една година, или 1 милијарда евра за четиригодишниот мандат кон општините за реализирање на проекти кои се од важност за граѓаните.

-Проектот кој ВМРО-ДПМНЕ има намера да го аплицира, тоа е проектот да обезбедиме 250 милиони евра годишно од централниот буџет за инвестиции капитални во општините за основни потреби. Ние нема да бидеме влада која ќе инвестира само во општините каде што се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку планираме да бидеме влада која ќе инвестира на целата територија без разлика од која политичка партија е градоначалникот или пак е независен. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ планира веднаш половина од оваа сума во 2024 година да инвестира и цела сума во 2025 година. Тоа ќе биде еден од водечките проекти, да ја доближиме работата владата до секој наш граѓанин. Перцепцијата кај народот сега е дека сите се исти, да ја смениме таа перцепција, да може граѓаните го почувствуваат бенефитот од работата на владата, рече Мицкоски.

Вториот проект кој го вети Мицкоски е токму линеарното зголемување на пензиите на пензионерите, кои изминатите месеци секојдневно протестираат во знак на револт поради ниските пензии и тешката егзистенција.

-Сакам да ги споменам пензионерите кој што ги гледаме со месеци буквално измрзнати, гладни чекорат по плоштадите и улиците барајќи правична распределба на средствата од буџетот, барајќи линеарно зголемување на пензиите кои што тие во оние средби кои што јас ги имав со нив изминативе два месеци го поставија тој праг на околу 5.000 денари. Преку една дебата која што ја водиме во рамките на партијата во изминатиот период и преку оние информации кои што ги имаме за моменталната состојба на буџетот, но и за очекувањата за обврските во периодот што следи можам да кажам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија. И ова е ветување кое што сакам да го дадам од оваа говорница, од оваа трибина дека во рок од една година од изборот на влада на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите ќе ги добијат линеарно тие 5.000 денари зголемување на пензиите – потенцираше Мицкоски велејќи дека пензионерите го заслужуваат тоа, изјави Мицкоски.

Со оваа линеарно покачување на пензиите всушност Мицкоски и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исправат која ја создаде токму владата на СДСМ со укинување на линеарното покачување на пензиите, па така над 300.000 пензионерите од следната година ќе земат покачување од 5000 денари.

Во однос на енергетскиот систем, Мицкоски нагласи дека токму енергетиката е се кога станува збор за економскиот развој на државата, укажувајќи дека дури и да има политичка стабилност во државата, а да нема добра енергетска стабилност тогаш никој нема да сака да дојде и да инвестира во државата.

-Енергетиката е основа на се кога станува збор за економијата и економскиот развој на државата. Вие ако немате енергетска стабилност никој нема да дојде да инвестира и покрај сите оние атрибути бидат задоволени, еве теоретски и да имаме и политичка стабилна состојба и да нема корупција, и сето тоа да е така, ако вие немате ресурси енергетски да им понудите на инвеститорите тогаш тие ќе најдат некоја друга дестинација каде што ќе има, нагласи Мицкоски.

Во таа насока, претседателот Мицкоски се обврза владата на ВМРО-ДПМНЕ, да изгради производен центар кој што ќе произведува базна енергија, како и да се модернизираат РЕК Битола и Осломеј.

-Од тие информации јас кои што ги имам во овој момент во оптек во Македонија се обидуваат во обновливи извори на енергија да бидат инвестирани некаде околу 7 до 8 илјади мегавати. Да речеме РЕК Битола кога би работела во својот полн капацитет со сите три блока, модернизирана, нова итн. нема да натфрли 675 мегавати. Значи ова е за 10 пати повеќе од РЕК Битола. Во електроенергетскиот систем не е се во производството. Таа енергија која што ја произведувате треба народски кажано да ја закачите на жица. Така што има еден момент кој што се вика пренос и дистрибуција. Нашиот технички капацитет во моментот не е ни на 20% од ова кое што во моментов претставува златна треска, истакна тој и додаде:

Кога мене би ме прашале како ја гледам иднината, ние мора да имаме како држава базна енергија. Ние мора да имаме производен центар кој што ќе произведува базна енергија. Без базна енергија која што ќе биде најмалку 50-тина проценти од портфолиото на државата ние како држава не можеме да функционираме.

Освен што вети изградба на производен центар кој што ќе произведува базна енергија, претседателот Мицкоски изјави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ има во план да изврши реструктуирање на владиниот кабинет, односно како што рече бидејќи енергетиката е важна за економскиот развој на Македонија, наместо таа да биде како дел од Министерството за економија како сектор или одделение, треба да биде посебна институција или посебно министерство кое ќе ги прати светските трендови во иднина.

-Како ВМРО-ДПМНЕ имаме намера покрај политичките договори кои што би ги имале како идна влада со коалиционите партнери, сериозно на маса да ја ставиме идејата за реструктуирање на владините кабинети. Ценам дека енергетиката, рударството и минералните суровина не можат да бидат на ниво на одделение или сектор во министерството за економија. Ценам дека тие треба да бидат посебна институција и посебно министерство. И тоа би било едно од условите тој кој што би сакал да прави влада со ВМРО-ДПМНЕ да интервенираме во законот за влада и да имаме министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, дециден е Мицкоски.

Она што го израдува и стопанството, е токму ветување на Мицкоски за предвидлив даночен систем, како и ниските даноци кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесе.
Уште една работа која што ќе ја споменам и која што ја разгледуваме во периодот, а тоа е како да направиме предвидлив даночен систем, даночен систем кој што нема да има осцилации, изјави Мицкоски и додаде дека тоа го слушал на речиси сите состаноци кои ги остварил со бизнис асоцијации и стопански комори изминатиот период.

Мицкоски објасни дека ќе се интервенира во данокот на добивка, односно како што рече тој ако фирмата пријави данок на добивка од околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, доколку пријави од 30 до 50 милиони евра, даночната стапка ќе биде 6%, додека пак за данок од над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит.

И тука би сакал да дадам една најава, планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна. Можеби компанија која што ќе дојде од Европа и светот, која што својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 го 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Затоа ги повикувам, не само домашните компании, туку и компаниите во регионот, во Европа, па и во светот своите профитни центри да ги префрлат тука, во Македонија и да заштедат во својот бизнис средства кои што ќе им бидат потребни понатаму да го развиваат својот бизнис, кажа Мицкоски.

На крај, Мицкоски најави дека е потребно реформа во образованието со која ќе се види зошто Македонија годишно произведува 200 инженери, а 2000 правници, зошто се произведува 150 електро инженери, а имаме 2500 работници невработени.

Ако сакаме да ја развиваме Македонија ние мора да оваа дебата да ја ставиме на маса. Тоа не значи дека овие граѓани треба да ги заборавиме, туку да направиме преквалификација, до обуки, зошто вака остануваат вечно да бараат работа од бирото за вработување, објасни Мицкоски.

Мицкоски најави дека е потребно да се најде синергија меѓу образованието и приватниот сектор, најавувајќи дека ќе се обезбедат за 1000 студенти развојни истражувачки центри се со цел младите да останат овде во Македонија, за кој што рече дека веќе разговарал со две од нив.

-И конечно ние мораме да најдеме синергија помеѓу образованието и економијата односно приватниот сектор, без разлика дали се тоа домашни или странски инвеститори, во делот каде што ќе понудиме поголема додадена вредност на тој финален производ, односно да произведување памет во развојно истражувачки центри. Ние мораме да стимулираме светски компании да отворат развојни истражувачки центри, а јас со две такви странски инвестиции веќе разговарав. И тие имаат такви во сопствените држави и тие би биле навистина мотивирани да ги префрлат дел од тие развојни истражувачки центри во Македонија, а за нас тоа би значело дека нема да има одлив на мозоци, кажа Мицкоски.

Ценам дека треба да се фокусираме и да обезбедиме за 1000 студенти развојни истражувачки центри на мултинационални компании, кои нема да ги носат надвор од Македонија, туку ние ќе ги донесеме нив, а децата ќе ни останат тука во Македонија, заклучи претседателот Мицкоски.

To top