Делегација предводена од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство и главен офицер за ветеринарство, д-р Оливер Миланов, присуствува на Првата GF-TADs Регионална конференција на постојани групи на експерти за приоритетни прекугранични болести кај животните во Европскиот регион, која од 22 до 25 овој месец се одржува во Белград, Република Србија. На конференцијата учествуваат делегати на Светската организација за здравје на животните (WOAH), главни офицери за ветеринарство (CVO) и службеници за здравје на животните од 53 членки на WOAH во Eвропскиот регион, претставници од Европската комисија (DG SANTE, EFSA, ECDC), ФАО и WOAH, експерти, истражувачи и креатори на политики од секторот за ветеринарно јавно здравство и заинтересирани страни од регионални сојузи и меѓународни организации (EuFMD, WHO, REMESA, IAEA).
На конференцијата ќе се споделат најдобрите практики, знаење засновано на наука и национални искуства, ќе се презентира напредокот и усогласувањето на стратегиите, подобрување на подготвеноста на членовите и капацитетот на ветеринарните служби за справување со тековните предизвици, вклучително и за повторната појава на болеста лигавка и шап и чума кај мали преживари. Дополнително, на поединечни сесии ќе се разговара и за прекуграничните болести кај животните, како што се чвореста кожа, чума кај мали преживари, високопатогена авијарна инфлуенца, беснило, африканска
чума кај свињите и болеста шап и лигавка.
Заедничкиот формат ќе им овозможи на учесниците да ги максимизираат синергиите, да го разгледаат напредокот и да усвојат хармонизирани стратегии за контрола на приоритетните прекугранични болести кај животните низ цела Европа. На конференцијата се очекува да бидат споделени стратегии и препораки за болестите африканска чума кај свињите, чвореста кожа, високопатогена авијарна инфлуенца, беснило, шап и лигавка и чума кај мали преживари, со цел зајакнување на регионалната соработка и партнерствата, зголемување на подготвеноста и капацитетот на ветеринарните служби и поддршка на силна реафирмација на лидерството на Европа во глобалната борба против прекуграничните болести кај животните.