Пораката дека Грција нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа, но и ставот дека отстапувањето од Договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Северна Македонија и во билатералните односи, ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата Влада на Скопје дека кое било отстапување од Договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа, истакна Мицотакис.
Потсети на неговото, како што рече, предупредување во 2019 година дека „ратификацијата на Договорот нè обврзува во иднина да го спроведеме“.
-За одредницата „македонски“, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување, односно придавките македонска нација и македонски јазик, а не „северномакедонски“, рече Мицотакис.